Свадбата на принцот Хари и Меган Маркл е закажана за мај

18 декември 2017

Една од најактуелните вести викендов беше датумот на свадбата на новата омилена позната двојка - принцот Хари и актерката Меган Маркл.

Кралското семејство објави официјално соопштение со кое ја извести јавноста дека свадбената церемонија е закажана за 19-ти мај 2018 година и ќе се одржи во Виндзор замокот.

Претпоставките за тоа како Меган ќе изгледа тој ден започнаа уште со самото официјализирање на врската. Последната во низата информации е дека убавата актерка ќе се одлучи за израелската дизајнерка Ибал Дрор, која твори под истоимениот бренд.

Како пренесува „Дејли Мејл“, британското семејство ја контактирало дизајнерката, па од Дрор се очекува да направи скица на тоа како ја замислува идната сопруга на принцот Хари.

Инбал Дрор

Креациите на Ибал се спој на храброст и сензуалност, а Бијонсе е една од личностите што ги сакаат. Минатата година на „Греми“ наградите, пејачката се појави токму во фустан со потпис на Дрор.

Иако медиумите се обиделе веќе да ја контактираат дизајнерката и да добијат потврда за оваа информација, таа не е достапна за коментар, а ниту пак кралското семејство.

креација од последната колекција на Ибал Дрор

Некои сметаат дека со оглед на тоа дека се работи за свадба во британското кралско семејство, Меган ќе мора да избере некој од британските дизајнери или куќи, но веројатно тоа нема да биде „Александар Меквин“, бидејќи токму оттаму се погрижија за свадбениот изглед на Кејт Мидлтон.

Инаку, еден од омилените брендови на Маркл е „Ердем“, но дали и тој ќе влезе во потесниот избор, не е познато. Британските медиуми шпекулираат дека најдобрата другарка на актерката, канадската стилистка Џесика Мулруни ќе има големо влијание врз изборот за идеалната венчаница на Меган.

И со сите овие информации всушност почнува маратонот вести за тоа како ќе изгледа свадбата број еден за 2018 година.

Објавено:
18 декември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
594 пати