Светските брендови добиваат сериозна конкуренција!

8 мај 2014

Ко – основачот на филмскиот гигант Мирамакс, Харви Вајнштајн, ги потврди шпекулациите дека многу наскоро повторно ќе го „оживее“ брендот на големиот кутуриер Чарлс Џејмс.

Поминаа повеќе од 50 години од пензионирањето на големиот Џејмс од светот на модата и 36 години од неговата смрт, но се чини 2014 година ќе биде година на неговото големо „враќање“.

Филмскиот магнат Вајнштајн во изјава потврди дека ќе ги откупи правата да продава и создава производи под брендот Чарлс Џејмс, со можност во блиска иднина и да го купи брендот.

„Чарлс Џејмс беше еден од најголемите кутуриери во историјата на модата и неговото име и бренд дефинитивно заслужува да се најде рамо до рамо со најголемите брендови на денешницата како Шанел, Диор и Оскар де ла Рента. Не постои ниту еден дизајнер во светот кој што не го признава неговото огромно влијание во светот на модата. Ние сме особено возбудени што ќе може да го предводиме враќањето на неговиот бренд на голема врата“, вели Вајнштајн.

Обновувањето на брендот беше потврдено во истата недела кога се одржа и изложба во негова чест во Метрополитен Музејот во Њујорк. Работата на дизајнерот беше всушност и првата изложба избрана од уредничката на Вог Ана Винтур која што го отвори новото крило на Метрополитен Музејот кое што го носи нејзиното име.

„Преродбата“ на брендот ќе биде водена од Џорџина Чапман, ко – основачот на женскиот бренд Маркеза, сопруга на Вајнштајн.

Она што секако сите ги интересира, а сѐ уште не е потврдено е кој ќе дизајнира за брендот.

Претходно, Вајнштајн беше инволвиран во купувањето на Халстон, бренд кој беше синоним за њујоршкиот гламур во 70 – тите, но брендот не успеа повторно да застане на нозе и Вајнштајн стави крај на неговата инвовираносто во 2011 година.

Овојпат, многумина посочуваат дека приказната со брендот Чарлс Џејмс ќе биде сосема поинаква и поуспешна, особено поради тоа што во моментов неговото име се актуелизираше со најголемата модна забава на годината – Мет Галата.

Објавено:
8 мај 2014
Категорија: 
Актуел