Тијана во андроген стил на евровизиската сцена

9 мај 2014

За синоќешниот настап на 59-то издание на Евровизија, Тијана заедно со својот креативен дизајнерски тим се одлучија за андроген стајлинг. Дизајнерката Ивана Рабреновиќ одлучи Тијана да ја облече во женски костим во црно-бела варијанта, сини чевли и впечатливи сини обетки. Ова не е прво искуство на Рабреновиќ, таа за Евровизија ја облече и Марија Шерифовиќ која што таа година и ја донесе и победата на Србија. Целосната кореографија и сценографија за настапот беа крајно минималистички, во монохроматски бои, геометриски форми и слобода во движењето. Како и изминатите години и оваа, македонскиот претставник не се пласираше во финалето на Евровизија.

Претходно, нашата претставничка која што настапи со англиската верзија на песната „To the Sky“ на црвениот килим се појави во специфичен црвен комбинезон со споени долги ракави, фризура во стилот на Џејмс Дин, црна чанта и очила кои што се нејзин заштитен знак.

На црвениот килим долг 70 метри на свеченото отворање на 59-тото издание на Евровизија, Европската јавност имаше можност да забележи и дел од креациите на Македонскиот моден бренд Елена Лука.

Евровизискиот тим од Македонската Радио Телевизија во состав Мери Попова – шеф на Македонската Евровизиска Делегација, Александра Јовановска – шеф на прес службата на Македонскиот Евровизиски тим и Каролина Петковска – коментатор на Евровизија, продефилираа со свечени комбинации на Елена Лука не само на црвениот килим туку и на синоќешното полуфинале.

„Со помош на тимот на Елена Лука одбравме елегантни тоалети во црна комбинација кои ги надополнивме со сакоа, бидејќи очекувавме ниски температури во Данска. Среќни сме што имаме постојан партнер во Елена Лука, чијшто тим секогаш е подготвен да одговори на нашите потреби за секоја прилика“, вели Александра Јовановска.

Секој од претставниците на  втората полуфинална вечер имаше одреден акцентиран сегмент од сценскиот изглед, кој генерално беше театрален. Нашите претставници  фокусираа  на  очилата со бели рамки кои всушност претставуваа маркетиншки белег.

 

 

Објавено:
9 мај 2014
Категорија: 
Актуел