ТМФ прослави 60 години со ревијата „Декади“

19 јуни 2019

Технолошко - металуршкиот фактултет вчера прослави 60 години постоење, а во присуство на пријатели, поддржувачи, вработените и секако најважните - студентите.

Презентирањето на знаењето стекнато на факултетот и креативноста се едни од најдобрите начини да се оддаде почит на сите што ја прават оваа институација семејство. Така, традицијата со одржувањето на годишната ревија на студентите од Институтот по Моден дизајн и инженеринг на облека при ТМФ продолжи, па присутните уживаа во модниот настан насловен како „Декади“. 

Темата воопшто не е случајна.

Ревијата претставуваше ретроспектива на изминатите шест децении во модна смисла. Воедно, во шоуто се содржеше и симболиката за тоа како низ годините се развива и факултетот (преку студентите), но и светот. 

1960-ти

1970-ти

Од 1960-тите до 2019-тата, за секоја декада посведочивме на менувањето на модните, но и општествените трендови. Со изборот на музика, видео инсертите во позадина, што ги следеа креациите на пистата, се доби една поширока слика за нештата кои нè опкружувале и ни влијаеле. Воедно, придонесе и за динамиката на интермедијалното раскажување на приказната.

1980-ти

1990-ти

Кога се креациите во прашање, користени се различни материјали, техники и бои. За секоја од декадите е изваден еден доминантен елемент, мошне препознатлив - на пример, хипи-изразот за 70-тите, ПВЦ материјалот за 80-тите, светкавите креации за почетокот на 2000-тите, влијанието на технологијата деценија потоа итн...

Сето тоа беше надополнето со фризура и шминка карактеристична за декадата која се претставува.

2000-та

2010

Тоа придонесе за приказната да биде комплетна.

Оваа ревија нè потсети на уште нешто - на тоа дека времето навистина брзо минува и дека шест децении всушност пролетале како и креациите на писта. 

За овие шест децении, факултетот може да се пофали со генерации од различни декади, кои со своето знаење, креативност, способност, но и факторот среќа, придонеле за менување и на останатите трендови кои ги споменавме претходно.

2019

Воедно, оттука продолжува броењето и текот на новите декади, за кои сме сигурни дека ќе посведочиме на уште поневеројатни промени.

За крај, своите креации ги презентираа студентите од втора, трета и четврта година од Институтот за Моден дизајн и инженеринг на облека, а под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева.

Среќен роденден ТМФ и уште многу успешн декади!

Во галеријата погледнете ги сите креации:

 

Објавено:
19 јуни 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.514 пати