Уметнички едиторијал со есенските парчиња на Марјан Пејоски за BULLETT

5 јуни 2014

Дека Марјан Пејоски полека, но сигурно станува еден од најбараните дизајнери, докажува и сѐ поголемиот број на едиторијали во кои светските магазини користат парчиња од неговите колекции.

Последен во низата е одличниот уметнички едиторијал за магазинот BULLETT, во кој уредниците одбраа супер парчиња од колекцијата есен/зима 2014 на брендот на Пејоски KTZ.

Фотографиите за одличниот едиторијал се направени во Лондон од ултра талентираната италијанска фотографка Никол Вицоли, а на истите може да се видат специфична девојка и момче кои што носат женски и машки парчиња од есенската колекција на KTZ.

За овој едиторијал, одговорните од магазинот ги одбраа најдобрите парчиња од есенската колекција на Пејоски, и тоа шармантен мек џемпер во сива боја комбиниран со одлични панталони во црна боја и женски сандали, потоа кожно минималистичко елече со здолниште со висок струк со реси, но и крзнено здолниште комбинирано со куса јакничка со кралски принт.

Машкиот модел во едиторијалот носи една од најбараните и најпознати јакни од есенската колекција на Пејоски во бела боја со натписи на ракавите, потоа бели панталони, но и црн кожен машки комбинезон и одлични модни додатоци како ранец, „гладијаторска“ маска и др.

Модниот бренд KTZ беше оформен во 2003 – тата година од Марјан Пејоски на чело на брендот и Сашко Бежовски како менаџер. За многу кратко време брендот на Пејоски стана супер познат и дел од неговите креации и денеска носат ѕвезди како Ријана, Канје Вест, Сијара, Мајли Сајрус и многу други.

Објавено:
5 јуни 2014
Категорија: 
Актуел