Уникатни дизајни и минималистички стил на Саемот за мебел

26 март 2014

Вкупно 180 изложувачи и околу 430 брендови, ги отворија вратите за посетителите на јубилејното, 40 – то по ред издание на Меѓународниот саем за мебел во Скопје.

На овогодинешниот Саем сите посетители ќе имаат можност да уживаат во интересни и уникатни ентериери во кои се вклучени прекрасни елементи за вашата дневна соба, бањата, кујната, а ќе успеат да најдат и сѐ од осветлување, декорации, канцелариски мебел, но и уредување на градини.

Она што дефинитивно можеме да го забележиме оваа година е големиот број на уникатни парчиња мебел како интересни фотелји, многу цветни парчиња, мулти – функционални кујнски елементи и уште многу други интересни работи.

На самиот влез на Саемот за мебел ќе забележите еден специјално креиран штанд кој наликува на супер креативна продавница. Се чини, истиот им остави најголем впечаток на посетителите бидејќи таму постојано имаше метеж. Токму внатре, во рамки на изложбата „Сјајност“ – Living smart on a Swedish way, можете да најдете супер уникатни производи од студентите по индустриски дизајн на Машинскиот факултет, но и парчиња од шведски брендови. Она што беше особено интересно, беше целокупниот ентериер на привремениот мини изложбен салон што беше неверојатно креативен и инспиративен.

„Ова што денеска го гледате тука е спој на дизајните на шведска амбасада и македонски производи. Осветлувањето и сите светилки што ги гледате тука се експонати од пет шведски компании од различни дизајнери, а многу од нив имаат и добиено многу награди. Мебелот што е изложен тука е во соработка со македонската фирма Завар, а додека овие неколку комоди се од студентите од Машински факултет. Најстариот дизајн што е изложен тука датира од 1968 година. Ентериерот и спојот на сѐ ова заедно е идеја на шведската дизајнерка со српско потекло Александра Стратимировиќ“, велат претставниците од изложените брендови.

Покрај одличните изложувачи на мебел на овогодинешниот Саем, во неколку хали можеа да се видат и штандови на прекрасен накит, а меѓу нив и оној креативниот на Eli’s accessories.

„Ова е трета година како изложуваме на Саем на мебел, а петта или шеста општо на различни саеми. Јас велам – тука имате мебел да ви го разубави домот, но и накит да ви ги разубави жените. На посетителите останува да си изберат, бидејќи тука со малку пари можат да си заминат задоволни. Морам да кажам дека не очекуваме дека тука ќе има некоја голема продажба, но убаво е луѓето да не видат и да не забележат“, велат Елена и Станка Ѓурчески од Eli’s accessories.

Овогодинешниот Саем на мебел ќе трае до 30 – ти март, недела, а ние топло ви препорачуваме да одвоите малку од вашето време и задолжително да го посетите малото царство на новите дизајни на иднината.

Објавено:
26 март 2014
Категорија: 
Актуел