Уникатни рачни изработки претставени на новогодишниот базар во Скопје Сити Мол

10 декември 2013

Трговскиот центар Скопје Сити Мол од денеска па се до 30 декември ќе биде домаќин на некои од најголемите македонски креативци што на скопјани ќе им ги прикажат своите најубави дела. Поделени во две етапи, свое претставување ќе имаат вкупно 40 занаетчии.

Новогодишниот базар ќе понуди прекрасни рачни изработки, што пред се се исклучително уникатни и кои достојно го претставуваат богатиот занаетчиски сектор во Македонија.

Од она на што денеска бевме сведоци, на новогодишниот базар навистина имаше што да се види. Од уникатен накит, рачно изработена женска облека, па се до интересни новогодишни украси, овој новогодишен базар ќе понуди интересни изработки за сите возрасти.

Звонко Спасовски од Кавадарци на новогодишниот базар претстави едни од најинтересните ракотворби за кои како што спомена, му е потребно доста време да ги изработи. Имено, тој изработува ракотворби од лејка што се добиваат со помош на т.н пирографска техника.

„Материјалот е секогаш лејка, изработката е со пирографска техника, односно секогаш овие форми се добиваат со горење на дрвото. Изработката е тешка, се работи споро. Веќе 10 години се занимавам со ова. За некоја ламба ми требаат и по 60 часови, но во просек секогаш за една изработка ми се потребни најмалку пет часа“, појаснува Звонко.

Интересна рачно изработена облека со многу уникатни детали на овој новогодишен базар претстави и Сара Режиќ.

„Веќе три години се занимавам со ова, повеќе од љубов и како хоби, а не како професија со оглед на тоа што јас сум правник. Во зависност од тежината на креацијата, некогаш ги изработувам за еден ден, а некогаш ми се потребни дури и три дена, како што беше случај со едно елече со копчиња. Во однос на материјалите, секогаш употребувам исклучиво природни материјали како волна, памук... Буквално, со се што ќе ми дојде во раце пробувам да направам нешто креативно“, вели Сара.

Иван Маринов од Охрид, на новогодишниот базар изложуваше антички предмети, штитови и шлемови од Александар Македонски, но исто така и накит од рачна изработка.

„Со ова јас се занимавам веќе седум години, но традицијата почнува уште од мојот прадедо, односно од 1013 година. Ова всушност е нашиот јубилеј од 100 години. Изработуваме накит, обетки, белегзии, но и најразлични предмети како часовници, ламби, шлемови и штитови. Ваквиот накит на клиентите им е многу интересен, бидејќи целиот е рачно изработен, уникатен е и го нема никаде, па за истиот има многу голема заинтересираност“, вели Иван, додавајќи дека потребни се повеќе настани од ваков вид каде тие ќе можат да ги прикажат нивните изработки.

Голем впечаток оставија и трите девојки Ирина, Алсу и Маша кои прикажаа интересни изработки како накит, играчки за најмилите, предмети со камења во боја и што уште не.

„Ова го работиме како хоби, со голема љубов. Изработуваме накит, играчки, делови од ентериер како и производи по нарачка. Во Македонија работиме привремено, но сакаме да отвориме и продавница, но ќе оставиме времето да покаже што ќе се случи со тоа“, велат уникатните девојки.

Објавено:
10 декември 2013
Категорија: 
Актуел