Вакво нешто недостасуваше: Дамите воодушевени од првиот кастинг во Елена Лука за жени над 40

4 мај 2019

Ателјето за венчаници на Елена Лука денеска беше местото каде повеќе од 100 – тина жени се собраа на првиот отворен кастинг за дами над 40 што помина и повеќе од спектакуларно.

Сите дами кои се појавија на кастингот уште еднаш докажаа дека токму вакви дружби се она што им недостасува на жените над 40 и дека тие се прекрасни и инспирираат во секоја доба од животот.

Дамите имаа можност да се фотографираат, а потоа и да се дружат и да танцуваат на звуците од одличните хитови што диџеј Тина Мицковска ги пушташе само за нив.

Идејата на г-ѓа Елена Пандева како генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука и онлајн платформата Sweet 40+, беше на едно место да се соберат сите прекрасни дами во оваа уште поубава деценија од животот, да се забавуваат, но и да бидат дел од различни модни кампањи на етаблираниот моден бренд во иднина.

„Ова беше навистина посебен ден и навистина сум среќна и возбудена од фидбекот што го добивме. Организиравме настан – отворен кастинг за жените над 40-тата, каков досега немало кај нас, од големи рамки. Многу се радувам што одзивот беше голем и што имаше многу насмеани лица. Дамите, кои ги имаше преку стотина, ја препознаа нашата идеја и се пронајдоа. Со ова сакав да покажеме дека кај нас има навистина убави жени, вредни за внимание. Во светски рамки веќе одамна е тренд да се ангажираат дами во нивните 40, 50, 60 години, па и повеќе, а сега тој тренд го приближивме и кај нас. Сите што денеска беа присутни во салонот на „Елена Лука“, каде и се одвиваше кастингот, посведочија на прекрасна атмосфера, другарување и забава, со што уште еднаш се потврди фактот дека вакво нешто недостасуваше и на модната сцена кај нас, но и на жените, кои сега се во најубавите години од животот“, вели г-ѓа Пандева.

Таа објаснува и дека всушност целта на „Елена Лука“ и платформата „Sweet40+“ е да ги стави потребите на жената во преден план, да создава за неа, да се инспирира од неа и да ѝ овозможи да се чувствува посебна, како што и треба да е секогаш.

„Овие жени и тоа како имаат што да кажат и покажат, а ние сега и ќе им го овозможиме тоа. После денешниов незаборавен настан, ќе следува втор дел, каде ќе бидат реализирани едиторијали со одбраните дами, а за што дополнително ќе ја информираме јавноста во иднина. За крај, би сакала да им се заблагодарам на сите пријавени и присутни, што секогаш нè следат, ни ја даваат својата поддршка и потврда за сработеното и што со својот убав изглед и енергија нѝ го направија овој ден незаборавен и совршен. Многу сме среќни што успеавме да измамиме насмевки и она што можам да го кажам е дека Елена Лука и целиот тим што стои зад мене, ќе се потруди да ги прави среќни и во иднина“, изјави генералниот менаџер на модниот бренд Елена Лука и онлајн платформата Sweet 40+.

Поради огромниот интерес за кастингот, модната куќа ги покани сите кандидатки кои имаа испратено пријава на пријатна дружба на која воедно се информираа и за тековните проекти на брендот, но и разменија лични животни искуства.

Заедничкото мислење на сите присутни дами беше дека токму ова е настанот што им недостасувал, а на кој можат да се дружат во голем број, да разговараат за разни теми од животот, но и да си посветат време на себе забавувајќи се на малку поинаков начин.

„Многу ми се допадна идејата, бидејќи не претставува стереотип дека само младите до 25 можат да направат нешто во полето на модата. Драго ми е што има голем број жени над 40 што изгледаат одлично и се забавуваат. Пред сè, и јас дојдов да се забавувам, животот не престанува кога ќе наполниме 40, туку напротив. Би рекла и дека се гледам во некоја кампања на Елена Лука, зошто да не“, вели Даниела Младеновска.

Нејзиното мислење го дели и познатата фолк пејачка Бади Бекир која ќе каже дека е пријатно изненадена од огромната посетеност на кастингот.

„Успеав да стигнам, иако денес сум на работа. Одвоив малку време, бидејќи не се сомневам дека на крајот од овој проект ќе излезе нешто убаво и позитивно. Многу нѝ недостасува нешто вакво. Јас 40-тите одамна ги поминав, но тоа не е важно. Навистина се чувствувам среќна денеска“, изјави за Fashionel пејачката која воедно беше дел од кастингот.

Анита Атанасовска ја пофали идејата на г-ѓа Елена Пандева за која ќе каже дека е нешто што досега не се случило во нашата земја, а недостасувало.

„Уште од мала посакував да работам во модната индустрија, но патиштата ме однесоа на друга страна. Затоа, денеска посебно уживам на овој отворен кастинг, кој е показател дека никогаш не е доцна за соништата да се остварат. И навистина би сакала да се најдам во некоја нивна кампања. Инаку, секојдневно ја следам страницата „Sweet40+“ и навистина сум активен член, бидејќи ми се допаѓа, мотивирачка е, опфатени се сите теми што ги интересираат жените... Јас имам 40 години и можам да кажам дека навистина животот почнува сега, сигурни сме во себе, знаеме што сакаме... А токму таков е и брендот „Елена Лука“. Креациите се прекрасни, се гледа дека е вложен голем труд и претставува инспирација за секоја жена“, додава Анита.

Дел од кастингот беа и дами кои дојдоа и од други градови низ земјава, меѓу кои и Струмица и Штип, но ќе кажат дека тоа воопшто не им било пречка, со оглед на тоа што знаеле дека ги очекува прекрасна забава и уште подобра дружба.

 

„Веќе имам едно убаво искуство со „Sweet40+“ и со „Елена Лука“. Ваквите случувања треба да се почести. Јас доаѓам од Штип и ова денес што се случува е многу посебно, Елена со ова ги величи жените. Верувам дека на овој начин ќе ги покажеме убавините на нашата земја, нашата жена и ќе си поминеме одлично, со една спектакуларна дружба. Ме привлекува грациозноста, а сепак едноставноста во нејзините креации. Камо да има повеќе вакви жени во Македонија“, вели Зорица.

Овој фантастичен настан беше уште еден доказ дека онлајн платформата Sweet 40+ за многу кратко време стана ултра популарна кај дамите над 40. Место каде тие секојдневно разменуваат различни искуства, идеи, предлози и што уште не, но пред сè, место каде се слави убавината на жената во секоја деценија.

 

Објавено:
4 мај 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
11.774 пати