Вези - вези... ред конец, ред поезија-изложба на Адријана Ананиева

10 април 2014

На 12-ти април (сабота) со почеток во 20 часот во Автономниот културно социјален центар (АКСЦ) ќе биде отворена изложбата Вези - вези... ред конец, ред поезија-изложба на Адријана Ананиева.

Изложени ќе бидат околу 50-тина рачно изработени дела во техника хартија и конец, везена изработка, работена во период од околу една година. Овие дела ќе бидат придружени и со поезијата на Даниел Карески, кој ќе ги сподели своите чувства за самите дела.

Делата на Адријана Ананиева се невообичаени.  Работени се во несвојствена техника која би била по својствена за старогрчкото tehne, умешноста, занаетот, отколку за она што денес го нарекуваме уметност или fine art. Но овие дела сепак зрачат со својата нежност здобиена од рацете, иглата и умешноста на Адријана. Еманираат со мир кој извира од сета нивна комплексност. Совршено уредени пајакови мрежи, прецизни геометриски фрактали во различни впечатливи бои кои отскокнуваат од композициите и си поигруваат со формите и дезените кои се и симетрични, но во исто време и асиметрични. Чувството кое ве обзема додека ги гледнете овие везови е вонвременско, еднакво чудно како што е чудно што самата техника е најпрвин отсонувана, а потоа применета. Буквално. Така сосема едноставно можете и вие да западнете во тоа вонвременско сонувачко чувство, патувајќи низ тие комплексни, од свилен конец извезени лавиринти, кои ете, би можеле да се метафора и на самиот живот.

„Не знам дури ни како се вика оваа техника на везење на хартија. Ми дојде како идеја на сон. Немам поим од каде и како… таму некаде далеку по светот. Мојата баба ме учеше да плетам, да везам, да играм со конци и плетки. Другата моја баба има исто така златни раце. И ден денес знам само една плетка. Онаа со вкрстување на нишките. Ова е моја прва изложба и се надевам не и последна. Ќе ми биде мило ем драго да ѕирнете што има. Даниел Карески, поет и драг пријател има нешто посебно да сподели за делата. Како што тој најдобро знае. Со зборови. Има некоја магија во него како што В.Божиновска милува да каже. Верувам дека ќе делува таа магија и овој пат“, ќе каже уметницата во пресрет на својата изложба која ќе биде отворена до 21-ви април.

 

 

Објавено:
10 април 2014
Категорија: 
Актуел