Хотелот „Александар Палас“ вечерва беше местото каде се одржа 17 – тото по ред издание на Виенскиот Бал каде можевме да видиме голем број прекрасни фустани и стилски смокинзи.

Традиционално, балот се одржа во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус”, а под покровителство на  амбасадата на Австрија во Македонија.

Во вистински магична креација вечерва блесна и водителката на балот, прекрасната Јована Стојменовиќ која одбра црвена тоалета од модната куќа Елена Лука.

Водителката изгледаше навистина блескаво во уникатната креација со апликација во златна нијанса во предниот дел, која и прилегаше совршено на нејзината градба.

Станува збор за фустан изработен од висококвалитетен материјал во црвена боја со откриен горен дел што постепено се шири надолу и изгледа неверојатно лелеаво и совршено.

Јована ја надополни креацијата со впечатлива шминка и фризура, внимателно одбрани за пригодата, а секако во согласност со фустанот.

„Ова е втора година како сум дел од Виенскиот бал, досега само еднаш имав привилегија да ја почувствувам оваа фантастична магија која што се случува овде. Кога велиме магија, мислиме на оној легендарен виенски дух што имаме можност да го почувствуваме во Скопје. Балот, програмата, атмосферата и сѐ она што го прави уникатен е идентично онака како што се случува во Виена или било која друга светска метропола. Можеме да видиме прекрасни дами во тоалети, но и господа во смокинзи и костуми и сето тоа придонесува за да изгледа така гламурозно како што доликува на еден бал. Јас не само што втора година го водам овој бал, туку и втора година имам привилегија да соработувам со врвни професионалци кога станува збор за тој сегмент. Елена Лука изработи еден магичен фустан за мене во темно црвена боја со оваа уникатна апликација која што ја надополнува целата приказна и прави да се чувствувам можеби како најважната овде во салата (се смее)“, вели водителката Јована Стојменовиќ.

Како и секоја година, така и оваа, имавме можност да уживаме во бројни внимателно одбрани стајлинзи за настанот, со што уште еднаш се докажа дека гостите навистина го почитуваат дрес кодот и уживаат во вакви настани, но имаше и мал број кои не се потрудиле доволно.

Сосема очекувано, атмосферата беше навистина посебна, особено на почетокот кога имавме можност да ги погледнеме танцовите двојки кои го отворија настанот со неодоливите звуци на Виенскиот валцер.

Валцерите на единствениот Јохан Штраус ги изведе професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ под диригенство на маестро Саша Николовски – Ѓумар, а вечерта дополнително ја збогатија танцовите точки на „Прима Данца“, а настапија и првенците на Балетот при МОБ – Мими Поп Алексова-Атанасовска и Бобан Ковачевски.

Присутните имаа можност да се расположат и да танцуваат и на звуците на единствените Тумбао Салса Бенд, Нина Јанева, Горан Папаз и „2Exit“.

Сите останати фотографии од годинешниот Виенски Бал и од сите присутни на свечениот настан, можете да ги погледнете изутрина на fashionel.mk.

 

Објавено:
19 март 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
5.969 пати