Викторија Бекам создаде детска колекција

14 март 2017

Во октомври минатата година беше најавена соработката помеѓу дизајнерката Викторија Бекам и „Таргет“. Уште оттогаш беше познато дека ќе се дизајнира за деца, од тукушто родени бебиња, до тинејџери.

-Работејќи со „Таргет“ можам да допрам до поглем број жени, а сега и деца. Не е само цената во прашање, туку и поради тоа што тие имаат и повеќе продавници, лоцирани насекаде низ Америка. Секогаш кажувам дека сакам да ги направам сите жени да бидат најдобра верзија на себеси. Тоа не треба да бидат само луѓе кои можат да си дозволат одредена сума на пари, туку сите – изјави тогаш Бекам за „Бизнис оф Фешн“.

Резултатот конечно излезе на виделина и е презентиран во магазинот „InStyle“. Освен што ја краси насловната страна на априлското издание, Бекам направи едиторијал токму со деца во нејзините нови креации, кој е пропратен и со големо интервју, каде зборува за последните ангажмани.

Се работи за лимитирана колекција, која се состои од 200 парчиња. Како велат од двата тима, комбинациите се носливи и впечатливи, со интересни принтови.

-Додека бев бремена, посакував да создадам колекција за деца. Додека дизајнирав, постојано мислев на Харпер, која сега има пет години и почувствував дека е вистинскиот момент да ја претставам колекцијата за најмладите пред пошироката јавност – изјави Бекам.

Парчињата ќе бидат во продажба од 9-ти април, и тоа преку сајтот на брендот Викторија Бекам, како и на страната на „Таргет“. Цените ќе се движат од 6 до 70 долари, но повеќето парчиња ќе бидат под 40 долари.

Објавено:
14 март 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
531 пати