Вог му даде отказ на Марио Тестино – обвинет за сексуално злоставување!

15 јануари 2018

Нов сексуален скандал во модната индустрија е главна тема во шоу бизнис медиумите.

Еден од најпочитуваните фотографи во модните кругови, Марио Тестино е обвинет за сексуално злоставување на машки модели. Њујорк Тајмс прв ја објави шокантната информација за тоа дека Тестино во 90-те години злоставил 13 машки модели и асистенти. Исто такво обвинување е покренато и против фотографот Брус Вебер.

Исто како и во случајот со Харви Вајнстајн за чие предаторство во Холивуд дозна целиот свет, и во случајот на Марио Тестино деновиве се јавуваат модели и асистенти кои наведуваат дека фотографот сексуално ги искористувал.

Дури се наведува и едно сведоштво според кое на снимањето на една од кампањите на Гучи во времето на Том Форд, Тестино наводно им кажал на сите да го напуштат сетот, додека тој останал во кревет со еден од машките модели.

Иако сите овие обвинувања ќе влезат во судска постапка и ќе се чека на официјални докази, сепак Ана Винтур не ризикуваше и веќе му даде отказ на Тестино, односно изјави дека Вог, како и сите изданија на Conde Nast ја прекинуваат соработката со славниот фотограф.

За потсетување, неодамна беше актуелен и случајот со фотографот Тери Ричардсон кој исто така својата кариера ја заврши неславно откако се докажаа голем број случаи на сексуално злоставување на модели.

Објавено:
15 јануари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
913 пати