За оваа фотографија од кралското семејство најмногу се зборува...

26 декември 2017

Во светските медиуми една од главните вести вчера беше појавувањето на Меган Маркл на божиќната миса во Сандрингам, на која присуствуваше кралското семејство.

Освен што се коментираше нејзиниот изглед - беж капут во комбинација со кафена чанта и шапка, за која имаше различни коментари, како и изгледот на Кејт Мидлтон, која пак се одлучи за зелен кариран капут, најмногу внимание привлече фотографијата од самохраната мајка Карен Евил.

Карен успеала да ги фотографира заедно принцот Вилијам и Кејт, принцот Хари и Меган, а со цел да ѝ овозможи на ќерката да оди на универзитет.

Фотографијата ја објави на Твитер, а за многу кусо време собра преку илјада “лајкови“ и стана вирална.

За позадината на приказната се заинтересираа и бројни медиуми.

Во изјава за  „Би-Би-Си“, Карен изјави дека нејзината 17-годишна ќерка Рејчел минатата година била многу болна и не можеле да присуствуваат на овој настан, па ѝ ветила дека оваа година ќе го сторат тоа.

„На сиот глас викав „Среќен божиќ“ додека не се свртеа и тогаш ги фотографирав“, раскажува мајката.

Инаку, откако ја ставила на Твитер, медиумите се заинтересирале за истата да ја земат, а Карен ја советувале да почне да наплаќа за неа.

Тоа и го сторила, а парите ќе ги намени за да може да ѝ го плати образованието на Рејчел.

„Првин се согласував да ја преземат бесплатно. Не знаев ништо за тоа како функционираат работите. Но, потоа добив совети како да постапам. Работата е што јас сум самохрана мајка и мразам да играм на таа карта. Работам две работи и горда сум што секогаш сум работела. Сега, сакам да сочувам пари за ќерка ми да има можност да оди на факултета. А фотографијата беше неверојатна можност за тоа и јас ја искористив“, вели 38 годишната мајка.

Инаку, неодамна беше објавен и говорот на кралицата Елизабета, во која таа ѝ посака добредојде и на Меган, како нов член на семејството. Многумина веруваа дека тоа ќе го направи по свадбата, како што беше случај со Кејт Мидлтон, со што уште еднаш ја прекрши традицијата.

Објавено:
26 декември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
6.357 пати