Забавувајте се со новиот каталог на Преплет за сезоната есен-зима 2014/15

24 октомври 2014

Секогаш инвентивните Викторија и Магдалена од креативното дуо Преплет, не израдуваа со нов каталог  есен – зима 2014/15, кој е целосно во знакот на забавата.

„Овој пат, ја одбравме темата „Забава“ и фотографиравме на две локации. Првата беше во еден од маркетите на Cosmo, бидејќи од сега и таму ќе можете да ги најдете на продажба нашите дизајнирани честитки. Додека втората локација беше на една прекрасна тераса на кров од куќа“, откриваат шармантните девојки.

Фотографиите ја плетат приказната за целиот процес на подготвувањето на забавата со сите потребни елементи и декорации кои се неизбежен дел за убав амбиент, со одбирањето на подарок од срце и присуството на луѓето кои ни значат.

Фотографската диригентска палка беше во рацете на Андријана Ани Костова Петровска, која стоеше зад фотоапаратот и успеа на еден автентичен начин да го долови целиот магичен амбиент во сите фази. Главните улоги во новиот каталог за актуелната студена сезона им беа доверени на Елена Стјеповиќ и Андреа Велинова, кои со својата убавина и непосредност успеаја да ја доловат приказната на најдобар можен начин.

Уживајте во убавината на животот, љубовта и бидете дел од многу забави и не дозволувајте да ве обвие студенилото на есента.

Објавено:
24 октомври 2014
Категорија: 
Актуел