Запознајте се со првиот plus-size машки модел

17 март 2016

Една од најпознатите светски модни агенции, IMG Models, создаде нов оддел за машки plus-size модели. Сепак, терминот plus-size, нема да се користи, туку на пазарот моделите и облеката за нив ќе се препознаваат по синтагмата: за мускулести мажи (brawn).

Зак Мајко

Во оваа категорија ќе спаѓаат сите крупни и високи мажи, што имаат проблем со пронаоѓање на облеката.

-Мускулест (brawn) има позитивна порака за машкото тело, означува физичка сила – вели директорот на агенцијата, Иван Барт.

Првиот мускулест модел е Зак Мајко, актер, комичар и писател. Тој првпат се појави во рекламата на брендот „Таргет“ од 2015 година, токму за линија што ги таргетира високите и крупни мажи.

Инаку, Зак Мајко е висок 198 сантиметри, а со оглед на тоа дека plus-size во модната индустрија често се критикува и е нешто што обичниот народ го смета за нормална, а не голема пропорција, со воведувањето на категоријата „мускулести“, модната агенција направила вистински избор.

За Мајко велат дека е машката верзија на Ешли Греам , која исто е член на „IMG Models“.

-Позитивната порака што ја праќаме преку телото и различните големини е нешто што е релевантно и што ќе биде врежано во сечиј ум. Мораме да ја прошириме „комуникација“ за мажи. Сакам секој маж во Америка кога ќе го види Зак да каже – и јас го можам тоа!  – потенцира Барт.

Директорот додава дека е свесен и за оскудната понуда во продавниците.

-Се сметам за дебел, „набиен“ маж или како веќе и да се нарекува тоа популарно. Во модниот свет сум и од мене се бара да се облекувам модерно, но и јас имам проблеми со големините. Навистина е поразувачки кога во одредени продавници ја немаат големината што јас ја носам – сподели Иван.

Тој се надева дека со овој чекор на агенцијата, произведувачите ќе размислат и за производство на поголеми броеви и за мажи.

-Во 2016 сите сакаат да носат убава облека и да бидат модерни. Така што, мораме да почнеме да бараме повеќе опции – заклучува Барт.

Задоволството од ваквата шанса не го крие ниту Зак.

-Да се биде ставен во ист контекст со икони како Ешли Греам е неверојатно и навистина сум многу благодарен за дадената шанса. Сакам сите мажи да знаат дека се атрактивни и дека е време да не се кријат. Сите сакаме да се чувствуваме и да изгледаме убаво, а тоа и го можеме. Едвај чекам да зборувам со брендовите и да видам каква облека ќе понудат за нас. Возбуден сум што ќе бидам присутен и во чекор со сè – искрен е моделот.

Објавено:
17 март 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.293 пати