„Златен глобус 2018“ одраз на моќ или хипокриза?

9 јануари 2018

Во Беверли Хилс изминатиов викенд се одржа 75-тото издание на манифестацијата „Златен глобус“.

Покрај тоа што сите учесници носеа црни фустани во знак на протест против било какво насилство врз жената, она за што се зборува и ден потоа е говорот на Опра Винфри.

Во светските медиуми веќе се разврза приказната дека ова е само најава за нејзината кандидатура за претседател во 2020 година, особено по Твитот на „Ен-Би-Си“ мрежата.  Од „Ен-Би-Си“ подоцна се извинија и го тргнаа Твитот од профилот.

Исто така, не поминаа ни забелешките на сметка на тоа со години се дружеше со Харви Вајнстајн, но никогаш ништо не се осмели да каже или да помогне.

„Њујорк пост“ и „Нешнал Ревју“ потсетија на фотографијата од 2013 година на која Опра го бакнува Вајнстајн токму во рамки на оваа манифестација. Секако, тоа не е ниту единствената нивна заедничка фотографија.

Исто така, дел од медиумите се осврнаа и на нејзините емисии и генерално на скапите појавувања во кои сочувствува со сиромашните. Всушност, безобразието на Опра оди дотаму што всушност целата кариера ја гради на лицемерие.

Но, таа не е единствената која направи 75-тите „Златни глобуси“ да бидат оценети токму како лицемерни.

Со овации беше поздравен и Кирк Даглас (101) кој со својата снаа Кетрин Зета Џонс ја додели наградата за најдобро сценарио. И покрај тоа што е мошне почитуван за придонесот во филмската индустрија, лицемерно беше на манифестацијата која беше во знакот против злоставувањето на жената, да се најде и човек кој беше обвинет за силување на Натали Вуд кога таа имала само 16 години.

Медиумите не ја поштедија ниту Мерил Стрип, која со одобрување го слушаше говорот на Опра. Мерил изјави како не знаела ништо за злоделата на Вајнстајн, кого патем го нарече Бог , примајќи го „Златниот глобус“ за најдобра актерка во 2002 година.

На удар се најде и Мишел Вилијамс која посочи колку е важно да се зборува за овие проблеми јавно и гласно и како сака нејзината ќерка да ја воспитува и да расте во една поинаква средина од оваа во која се наоѓаме. Но, истата Мишел Вилијамс ниту еднаш не спомена ништо за колегата  Кевин Спејси, кој исто така беше обвинет за силување на млад актер.

Во медиумите се појави и веста дека дел од жените, поточно Роуз Мекгован и Азија Арџенто што јавно прозбореа за злоделата на Вајнстајн не биле воопшто повикани на „Златниот глобус“, чија тема беше токму тоа – да се зборува гласно против насилството врз жените.

„Можам да зборувам во мое име дека не бев повикана на „Златен глобус“. Никој не го побара моето мислење за #TIMESUP, ниту да се потпишам. Но јас го поддржувам @TIMESUPNOW, дури и ако не сум вклучена во него. Веројатно не сум доволно МОЌНА или доволно ХОЛИВУД. Горда сум што работам зад сцената“, објави Арџенто вчера на својот Твитер профил.

Ден претходно во Твитер комуникација со Мекгован, посочија дека „Никој не треба да заборави дека тие две први проговорија за Вајнстајн“.

„Никој од тие фенси луѓе што носат црно во чест на нашите силувања не ќе мрднеа со прст да не беа нашите приказни. Немам време за Холивуд фејкери, но те сакам Азија Арџенто“, возврати Роуз.

Најголемото лицемерие можеби е што воопшто има ваков настан откако други ја завршија работата и се бореа.

Во прилог ви го пренесуваме говорот на Опра, која патем доби награда за животно дело, а за кој и денес не стивнуваат реакциите:

„„Таа 1964 година бев девојче кое седеше на подот од линолеум во куќата на мајка си во Милвоки и гледав како на Оскарите се доделува наградата за најдобар актер. Додека се отвораше пликото беа изговорени зборови кои ја испишаа историјата: „Победник е Синди Поатје" (прв актер Афроамериканец кој добил Оскар). На сцената тогаш излезе најелегантниот човек што некогаш сум го видела. Се сеќавам на неговата бела вратоврска, никогаш пред тоа не сум видела црн човек кој така слави. Се обидов многу пати да објаснам што еден таков момент значи за сиромашно девојче, чија мајка тогаш влегува во куќата, уморна од чистењето на туѓи куќи... А потоа во 1982 година, на оваа бина, Сидни ја прими наградата „Сесил Б.Демил", а јас, она девојче на подот, сега сум првата црна жена која ја прима истата награда. Чест и привилегија е оваа ноќ да ја делам со сите тие неверојатни мажи и жени кои ме инспирираа, ме следеа на мојот пат, ме поддржуваа и овој пат до бината го направија можен. Сакам да му се заблагодарам на Холивуд за апсолутната посветеност во откривањето на вистината и правдата. За жртвите, тајните и лагите. Сакам да кажам дека медиумите ги ценам многу повеќе од било кога претходно...

Она што со сигурност го знам е дека да се зборува вистината е најмоќното оружје кое сите го поседуваме и посебно сум горда на сите жени кои се доволно силни да говорат за своите лични искуства. Сите ние овде треба да славиме и сме славни поради приказните кои сме ги раскажале. А вечерва, ние сме главната приказна... Сакам да им изразам почит на сите жени кои со години трпеле и сонувале... Тоа се жени чии имиња нема да ги дознаеме, за кои никогаш нема да слушнеме. Тоа се домаќинки, работнички во фабрики, во ресторани, спортистки, дел од војска... А пред сите, сакам да изразам почит кон Риси Тејлор. Таа беше млада мајка и жена која таа 1944 година се враќала од црква, кога беше и киднапирана и силувана од шест бели вооружени мажи, кои ѝ се заканиле дека ќе ја убијат ако на било кого каже што се случило. Риси Тејлор почина пред 10 дена во 98 година. Живееше, како и сите ние, во култура уништена од брутално моќни мажи. Премногу долго на жените кои се осмелија да зборуваат за моќта на тие луѓе никој не им веруваше и никој не ги слушаше. Но, времето на тие моќници истече. Заврши... Сега се слуша „И јас"...

Во текот на мојата кариера, секогаш се трудев да дадам сè од себе, не е важно дали е телевизија, филм, да кажам нешто за тоа како мажите и жените навистина се однесуваат, како чувствуваме срам, љубов, омраза, како паѓаме, како се повлекуваме и како повторно се креваме. Правев интервјуа со луѓе на кои животот им приреди некои од најгрдите работи, но квалитетот на сите нив е способноста да ја препознаат надежта дека утре ќе биде подобро, дури и во текот на најмрачните ноќи. Затоа, сакам да им порачам на сите девојчиња кои го гледаат ова, дека новиот ден, новиот хоризонт е на повидок! И кога тој ден конечно ќе дојде, тоа ќе биде благодарение на сите феноменални жени, од кои голем дел се овде присутни и некои фантастични мажи кои се подготвени да нè водат во времето кога веќе никој и никогаш нема да рече „И јас исто..." “.

 

извор: cnn.com; thenypost.com; theguardian.co.uk; nationalreview.com;

Објавено:
9 јануари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
984 пати