Зорица Нушева (Петрунија): Во Берлин го живееме сонот

11 февруари 2019

На Филмскиот фестивал во Берлин вчера вечер се случи премиерата на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. Тимот кој го предводат Теона (режисер) и Лабина Митевска (продуцент), се појави на црвениот килим, поздравен со громогласен аплауз.

фото:Beata Siewicz
 

Довербата за изгледот ја дадоа на домашната модна куќа „Елена Лука“, која создаде префинети и трендовски креации, моќни и достојни на пригодата, а сепак следејќи го модниот вкус и естетика на секој од членовите поединечно. Со тоа што беа задолжени за изгледот на голем дел од тимот, од „Елена Лука“ создадоа една модна целина, како што и доликува на настани од овој ранг, придонесувајќи и за стилскиот печат на екипата од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

Од модната куќа беа изработени и одела за дел од машките членови на екипата, како и за главната актерка и сестрите Митевски.

фото:Beata Siewicz  

Лабина беше стилизирана во впечатлива креација од тул, со која блесна на црвениот килим во Берлин. Горниот дел од креацијата е збогатена со впечатливи реси со сјај. Ракавите и горниот долг слој е од тул, додека основата е краток црн фустан, со што се направи спој на сексапил, трендовски тенденции, авангардност, елеганција...

Теона се појави во луксузно црно кадифено палто, со впечатлив детаљ од левата страна, во комбинација со црни тесни панталони. Стилскиот печат го задржи и на прес-конференцијата одржана претходно, каде се појави во смарагдно зелен кадифен косум, со што остави силн стилски печат на жена која е самоуверена и моќна!

 

 И Зорица го следеше трендот на женски костуми. Кадифено бордо одело со рачно извезени монистра на реверите, беше комбинацијата во која се појави главната атерка во филмот. Ни малку случаен избор, не само поради модната усогласеност со режисерката, туку и поради пораката дека жените уште помоќно го носат ова „машко“ парче облека. Ова и не е прва соработка на модната куќа ниту со сестрите Митевски, а ниту со Зорица.

Токму со неа и поразговаравме непосредно пред заминувањето за Берлин.

фото:Beata Siewicz

 

-Со тимот на Елена Лука сме имале прекрасна соработка, неколку пати до сега, и немав никакво сомнение дека треба повторно да соработуваме по повод учеството не Берлинале. Тоа што се шие во моментов е една модерна едноставна варијанта на женски костим која мислам е одличен избор за таа прилика.

Нушева не криеше дека возбудата пред заминувањето е голема кај целиот тим.

-Сите се подготвуваме на свој начин.  Очекувања немам, но искрено се надевам дека филмот ќе им се допадне на луѓето што ќе го видат и посакувам да има многу љубов, зашто тие денови во Берлин ќе го живееме сонот - вели Нушева.

 

Филмот е во трка за „Златна мечка“... Но, без оглед на тоа дали ќе успее да освои награда, актерката смета дека учеството на фестивал од ваков ранг може само да донесе убави работи и на целата екипа, но и неа како актерка. 

-После ова може да се очекува само најубавото што може да се случи, нели. Јас верувам дека филмот ќе има успеси и понатаму. Мене ми преостанува да ги уживам тие драги моменти со целиот тим, и да им се радувам и да ги славам со мојата фамилија и блиските луѓе. Што навистина ќе донесе Берлинале, останува да видиме - смета Зорица.

А за тоа како се случи токму таа да ја добие улогата на Петрунија, ќе каже:

 

-Првично бев повикана на кастинг за ликот на другарката на Петрунија.. за веднаш после тоа Теона да сака да ме види како Петрунија. И тргна приказната. Неколку месеци пројдоа дури да се официјализира целосниот каст за филмот. Период во кој имав чест да соработувам со многу одлични актери. Тоа искуство ми претставува огромно богатство, и стекнав многу драги познанства во тој период.

Ликот на Петрунија е предизвик од повеќе аспекти.

-Високи емотивни амплитуди и скокање во ладна река на минусни температури се можеби најголемите предизвици што ги носеше овој лик со себе, но не и единствените. Петрунија е комплексен лик, длабоко изграден и напишан врз цврста драматуршка структура, и беше голем предизвик да се долови нејзиниот развој во дејствие кое се случува во неполни 24часа.

 

Низ разговорот се наметна и прашањето за стереотипни општествени норми со кои се среќава и Петрунија, но Зорица не крие дека и таа ги доживеала:

-Па, ние живееме во општество каде е тоа секојдневие и се разбира, не малку пати, сум го почувствувала тоа во сите сфери на живеење. Мислам дека, во тој поглед е битно, да не се молчи за тоа, туку отворено да се разговара, со добра намера да се крева нивото на свесност - потенцира актерката.

На прашањето пак, каква е позицијата на жената во Македонија според неа, наспроти позицијата на жената во светот, ќе рече:

 

-Позицијата на жената зависи од културата карактеристична за нејзиното поднебје, социјалниот, економскиот и етничкиот статус. Во тој поглед сите жени се различни. Но, кога се ставени во ситуација да бидат жртва на родова дискриминација, сите ги живеат истите емотивни набои.

Разговорот го заокруживме со тоа каков свет ѝ оставаме на жената во иднина, прашање кое според Зорица е мошне важно:

-Е прашање кое треба секој од нас да си го постави. Во суштина, колку сме свесни дека жената молчи и живее потиштена во свет на родова дискриминација и малтретирање. Свет во кој е угнетувана на дневна база со разни други маргинализирани идентитети, како сексуална ориентација, старост, класа, физичка способност... Жените не случајно покажуваат слабост, страв, дури и некомпетентност, а не се раѓаат како такви. Дали сакаме тоа да биде свет во кој ќе раснат нашите ќерки и што можеме ние да направиме во однос на тоа?

За потсетување, филмот ќе има уште две проекции во рамки на фестивалот, кој е во трка за „Златна мечка“.

 

фото извор: http://www.zimbio.com

Објавено:
11 февруари 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.055 пати