Зошто на Женскиот марш во Кан учествуваа само 82 жени?

14 мај 2018

 Актерката Кејт Бланшет го предводеше Женскиот марш во Кан кој се случи изминатиов викенд. Таа ја имаше поддршката од 82 актерки и раководителки од Холивуд, а бројката не е ни малку случајна. Кристен Стјуарт, Марион Котијар, Селма Хаек, Пети Џенкинс се само дел од оние што застанаа покрај Бланшет.

Имено, 82 го симболизира бројот на жени што се натпреварувале на Канскиот филмски фестивал во текот на 71-годишната традиција, бројка што е поразителна.

„На овие скалила денеска, стојат 82 жени, што го претставуваат бројот на жени режисери што се искачиле по истиве скали, од првото издание на Кански филмски фестивал во 1946 година до денес. Во истиот период, по скалилава се искачиле 1.688 мажи режисери. Во текот на 71 година од овој фестивал со светско реноме, само 12 жени биле го предводеле жирито. Престижната „Златната палма“ пак, ја добиле 71 маж –премногу за да ги споменувам со име – но само две жени. Ова се неоспорливи факти Жените не се малцинство во светот, па сепак моменталната состојба во нашата индустрија го вели спротивното. Како жени, сите се соочуваме со свои, уникатни предизвици, но стоиме заедно на овие скали денеска, како симбол на нашата одлучност и посветеност кон напредок“, вели во говорот Бланшет.

Таа додава дека овој Марш или протест за родова еднаквост на Канскиот фестивал, е од голема важност и повик кон промени, а кон кои таа и нејзините колешки имаат неколку барања.

„Ќе бараме на нашите работни места да има различност и еднаквост, за да можат да бидат најдобар одраз на светот во кој всушност живееме. Свет кој ни дозволува на сите нас зад и пред камерата да напредуваат рамо до рамо со нашите машки колеги. Ние ги признаваме сите жени и мажи кои застапуваат промени. Скалилата на нашата индустрија мора да им бидат достапни на сите. Ајде да ги искачиме“, посочува Кејт.

Во продолжение погледнете ги останатите фотографии од Маршот на жените во Кан:

 

Објавено:
14 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
482 пати