Зошто „Осумте на Оушн“ ќе биде новиот омилен моден филм?

11 јуни 2018

Македонската премиера на „Осумте на Оушн“ е закажана за 14. јуни. Ова остварување досега го нарекуваа „женски римејк на „Единаесетте на Оушн“, но и покрај тоа што жанровски се работи за акција, веруваме ќе стане и новиот омилен моден филм, особено на женската популација.

Во контекст на ова одат и податоците кои ги презентираше „Вог“. Магазинот неодамна објави текст за тоа како модната индустрија му помогна на филмот.

За потсетување, како костимограф се потпишува Сара Едвардс и токму таа беше задолжена за изгледот на осумте дами во главните улоги – Кејт Бланшет (како Лу), Сандра Булок (како Деби Оушна), Ен Хатавеј (како Дафне Клугер), Минди Калинг (како Амита), Сара Паулсон (како Тами), Авквафина (како Констанс), Ријана (како Најн Бол) и Хелена Бонам Картер (како Роуз Вајл).

„Секоја од осумте дами имаше почит кон останатите колешки и ниту една не се издвојуваше како најголема ѕвезда. Неверојатно добро беа расположени да соработуваме и во многу нешта ми ја олеснуваа работата. А во тоа помогна и помошта која ја имавме од модниот свет. Многу луѓе беа вклучени во реализацијата на нивниот изглед“, споделува Едвард за „Вог“.

Како открива костимографката, „Картие“ се вклучиле меѓу првите. Ја повикале неа и Ен Хатавеј да ја разгледаат нивната архива и да изберат ретки камења, за да го надополнат изгледот на Хатавеј како Дафне.

„Седевме во таа неверојатна соба и Картие ни носеше фиоки и фиоки со накит. Ги прегледавме сите парчиња од прво до последно и го усогласивме накитот со сите комбинации на Ен – беше неверојатно искуство“ .

Француската куќа исто така го креираше и луксузниот ѓердан кој ќе биде во фокусот на кражбата на „Мет галата“.

Инаку, тимот на Сара вклучува 15 асистенти (во нормалните денови), а околу 50 во деновите на големите снимања, а биле задолжени за околу 300 парчиња од Висока мода и со дизајнерски потпис. Во обезбедување на истите им помогнала и маркетинг агенција.

„Не можевме да одиме во „Мејси’с“ и да ги купиме фустаните, така никогаш немаше да изгледа реално! Моравме да имаме пристап до автентичните дизајнерски парчиња“, вели Сара.

Така, успеале да обезбедат да носат оригинални креации на „Живанши“ (Кејт Бланшет), „Алберта Ферети“ (Сандра Булок), Зак Посен (Ријана), „Валентино“ (Хатавеј), „Долче и Габана“ (Хелена Бонам), Наим Кан (Калинг), „Прада“ (Паулсон) и Џонатан Симкаи (Авквафина).

Останатите познати актери, чии имиња Едвардс не сакала да ги открие, за снимањето на „Мет галата“ носеле облека од нивните лични колекции.

„Расположението и мотото ни беше: „Колку попрекрасни, толку подобро“, вели Сара.

Од друга страна, костимографката вели дека за стилот на секоја од актерките правела посебно истражување.

„Кејт Бланшет ја толкува Лу, сопственичка на ноќен клуб во Њујорк, чиј стил се свилените вратоврски и тесните кошули. Многу истражував за стилот во Њујорк во доцните 80-ти и раните 70-ти, новиот бран на рокенролот. Нејзината облека многу потсетува на оваа на Кит Ричардс, но исто така има по нешто и од Деби Хари и уличниот стил од тој период, анализиран преку широко истражување на фотографии. Беше многу важно да се инкорпорираат стиловите на реални личности во секој од ликовите. Костимите на Бланшет се најчесто „Барбери“. Нејзиниот стил е микс од сè – обични парчиња, дизајнерски и евтини од друга страна, што можете да ги најдете во „секнд хенд шоп“, потенцира Едвардсон.

Од друга страна, стилот на Булок односно Деби, требало да биде кул и смирен, за разлика од еклектизмот на Лу.

Сандра во филмот менува дури 65 стајлинга, а Бланшет 40. Сепак, посебен предизвик било осмислувањето на изгледот на ликот што го толкува Ријана.

„Таа игра компјутерски хакер, носи широка облека, па затоа и нејзината трансформација на „Мет галата“ е најголема. И навистина беше забавно“, открива Сара.

Имајќи го сето ова предвид, очекувањата за „Осумте на Оушн“ уште повеќе растат, како и нетрпението за премиерата.

Објавено:
11 јуни 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
524 пати