Зошто Зак Посен ја одби Меланија Трамп?

16 март 2017

Првата дама на САД, Меланија Трамп беше долгогодишен клиент на Зак Посен, но работите се сменија. Дизајнерот јавно го искажа ставот дека не сака веќе да соработува со ниту еден член на семејството Трамп, без разлика што и Меланија и Иванка се негови стари познаници. Причината е иста како и кај останатите дизајнери со ист став – политиката на Доналд Трамп.

-Многу сум вознемирен од сегашната состојба во државата. Секогаш се обидувам да бидам оптимист, па затоа сметам дека слободата ќе преовлада. Сите имаат политичка одговорност и глас, и во модата и на секое друго поле. Постојат одредени прашања што длабоко ме вознемируваат. Правата на ЛГБТ заедницата, имигрантите, финансирањето на уметноста, планирањето на родителството и правата на жените. Тоа се теми многу блиски до моето срце и затоа го користам мојот личен глас и моќ да се борам за нив. Мислам дека секој бренд, како и личност, има право неговиот глас да се слушне – објаснува Посен во интервјуто за „The Daily Beast’.

Зак и Иванка Трамп

Кон крајот на минатиот месец, на Конгресот на кој Доналд Трамп одржа важен говор, Меланија се појави во креација на Мајкл Корс, кој првично исто така беше против облекувањето на Трамп.

-Госпоѓата Трамп беше долгогодишен клиент на брендот, односно бутикот во Њујорк, така што тоа пресуди – објасни Корс за „Њујорк Тајмс“.

Многумина тогаш го критикуваа нејзиниот стајлинг, како премногу накитен за Конгрес, а и бојата беше дискутабилна со оглед на тоа дека жените од Демократската партија беа облечени во бело, како поддршка за правата на жените, а Меланија се одлучи за црно.

-Како што реков, таа е долгогодишен клиент на нашиот бутик и има изострено чувство за тоа што ѝ стои, а што не – прокоментира кусо дизајнерот. 

Објавено:
16 март 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.627 пати