Модниот свет од Лондон вчера се пресели во третата модна метропола, Милано. Возбудата беше присутна уште од првиот ден, особено бидејќи се очекуваше новата колекција на Алесандро Микеле за „Гучи“.

Дизајнерот ги претстави креациите за есен 2017, и за мажи и за жени. „Мешаната“ ревија значи 119 комбинации, што во динамично модно шоу и не е така лесно да се испрати, велат новинарите од светските модни магазини.

Микеле одлучи колекцијата „The Alchemist’s Garden“, да ја презентира во сосема новиот простор во внатрешноста на поранешната воздухопловна фабрика „Капрони“ и тоа во футуристички амбиент со графити и виолетово осветлување.

Што се однесува до креациите, секоја од нив е уметничко дело за себе. Богатите декорации и играта со ткаенини е нешто што Микеле не планира да го менува. Чевли, чанти, накит и креации, украсени со камења, везови, принтови, на моменти изгледаат сосема луксузно, се граничи со кич, но кај него функционира одлично. Од нешто веќе видено (од аспект на силуета и крој), успева да направи нешто сосема ново и посебно. Прави „Гучи“ алхемија.

На сцена ги враќа и мотивите на лав, тигар, змија и пеперутка, особено кај машките креации. Во колекцијата се видливи влијанија од Ориентализмот, 1940-тите, 1970-тите, 1980-тите, а во тој микс е вклучена и соработката со уметникот и фотографот Коко Капитан, задолжен за „графитите“ на маиците.

Посебно внимание е обрнато на кастингот на модели.

-Мене не ме интересираат модели. Мене ме интересираат лица. За мене тоа е начин да се покаже различноста и човештвото. Можеби звучи смешно, но сметам дека ерата на „моделите“ е завршена – изјави Микеле.

Кога се силуетите во прашање, нема големи поместувања, но во начинот на размислување, игра, комбинирање, презентација, оваа модна куќа отиде чекор понатаму.

Објавено:
23 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
224 пати