Аристократска колекција на Алберта Ферети

3 јули 2015

Еден заеднички епитет што ги опишува сите парчиња од новата пролет-лето 2016 колекција на италијанската дизајнерка Алберта Ферети, е аристократска.

Лимитираната колекција е симбиоза помеѓу високата мода и „ready to wear“ реализирана во носливи уметнички дела, претежно долги и коктел фустани со романтични кроеви и принтови.

Колекцијата е инспирирана од ентериерите карактеристични за 19-от век, па софистицираните креации потсетуваат на викторијанскиот период, украсени со рачни везови и флорални принтови.

Линијата започува со корсетирани долги фустани, кои понатаму преминуваат во лелеави форми од транспарентни материјали и тантела, па продолжуваат со коктел фустани со скратена должина до и над колената. Последните креации се пердувести, во бела боја, а играта на кројот варира од кратки и едноставни фустани до свечени тоалети со наметки.

„Луѓето бараат нешта што се уникатни, креации што имаат карактер. Оваа колекција не е котур, но се работи за ноќна линија дизајнирана во тој дух“, вели реномираната дизајнерка за style.com.

Алберта Ферети Алберта Ферети

Објавено:
3 јули 2015
Категорија: 
Колекции