Кога ќе се спомене модната куќа „Армани“ , една од првите асоцијации се елегантност и безвременост. Токму кон тоа се придржуваше тимот на познатиот бренд и при создавањето на најновата колекција за есен-зима 2016/17, претставена вчера на миланската модна недела.

Задачата на Армани не беше ни малку лесна. По доделувањето на „Оскарите“, тој сепак требаше да го насочи и задржи вниманието врз неговата колекција. И успеа во тоа, како што успеа да доминира на црвениот килим облекувајќи ги Кејт Бланшет и Леонардо Дикаприо, Наоми Вотс, Шарлот Ремплинг, Ник Џонас...

Утрото по „Оскарите“, модната куќа претстави колекција по мерка на клиентите и сите обожаватели на препознатливата естетика. Самиот наслов на колекцијата „Black Velvet“, алудира на доминацијата на црното кадифе, во повеќе комбинации – од панталони до фустани. Армани е познат по тоа што прави „мешани“ колекции, па така и овој пат беа застапени и машки и женски парчиња, особено одела.

Јакничките од твид, капутите од кашмир украсени со цветови од кристалчиња во боја, сакоа со руска јака и ¾ ракави внесоа доза на романтика во навидум темната модна приказна.

Ако погледнете подобро, цветниот принт е мошне застапен, а доминира на свилените панталони и модните додатоци.

Севкупниот впечаток е дека „Армани“ понуди софистицирана, елегантна и отмена колекција, со парчиња за повеќе пригоди.

Објавено:
1 март 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
848 пати