Балман и Луј Витон на вториот ден од машката модна недела во Париз

17 јануари 2014

PFW

Вториот ден од модната недела во Париз посветена на машката мода беше во знакот на Балман, Луј Витон, Дрис Ван Нотен, но не само поради нивната звучност, туку и поради колекциите кои нудат нешто ново, урбано, модерно. Нешто што секој  маж би го носел.

Балман

Balmain

Дизајнерот Оливер Роустеинг за колекцијата на Балман за есен-зима 2014 на плетените парчиња и јакните им вметна животински принт, а тие се искомбинирани со војнички панталони, и тоа не само според дезенот, туку и кројот (широки со џебови од страните). Она што може да се рече дека е новитет или највпечатливо е реинтерпретацијата на сафари јакната, суптилно моделирана во блузон и тоа во комбинација од кожа и рачно ткен материјал.  Машката модна линија доживува постојан прогрес, па Роустеинг најави дека следната сезона е подготвен за ревија.

Луј Витон

Viton

Оваа модна куќа на мажите кои ја сакаат модата ќе им понуди ултра шик колекција изработена од влакното на лама, а со цел да обезбеди леснотија и комфор при носењето. За сите оние што ги сакаат патувањата, ова е одлична колекција. А дека е навистина квалитетна, говори и фактот дека покрај влакното од лама, се користи и кашмир. Јакните се широки, но сакоата ја пратат линијата на телото.  Луј Витон внимавал и на деталите, па во рамки на целата колекција се присутни шалови во дискретни и по малку бохо шари, како и кожени чанти.

Дрис Ван Нотен

Dris van Noten

Она што е особено убаво во колекциите на Дрис Ван Нотен е мешањето на дезените и боите. И овој пат колекцијата токму поради тие причини е свежа и интересна. Посебно се внимавал на комбинацијата на боите, создавањето „сенки“. Ова е колекција која презентира улична мода обоена во жолти, зелени, розови и сини нијанси, за мажи кои сакаат да се впечатливи и модерни.

Објавено:
17 јануари 2014
Категорија: 
Колекции