„Барбери“, „Ердем“ и „Роксанда“ за крај на Лондонската модна недела

21 февруари 2017

Иако денешниот ден е последен, вчерашниот распоред исполнет со бројни големи модни имиња го означи крајот на Лондонската модна недела, на која презентираа колекциите за есен 2017.

Во продолжение ќе ви ги презентираме оние на „Барбери“, „Ердем“ и Роксанда Илинчиќ.

Британците се воодушевија од „Барбери“. Ревијата на овој моден бренд е секогаш една од најочекуваните. И после неколку не толку успешни колекции на Кристофер Бејли, барем кога е продажбата во прашање, изгледа дека со оваа погоди во целта.

Дизајнерот се инспирираше од британскиот вајар и уметник, Хенри Мур. За да влезе во сржта на темата со која се занимава, ја имаше помошта од неговата ќерка. Таа му откри непознати детали од животот и кариерата на уметникот, нешто што Бејли очигледно добро го слушал и почитувал. Резултатот е колекција во која доминира играта на црно и бело, со суптилно провлекување на жолтата и сината. Дел од креациите се со опуштен крој, но вниманието особено ни го привлекоа оние со скултурирани ракави. Видовме враќање на кусите џемпери, како и дуксерите кои беа украсени со коноп. Бејли си игра и со ткаенините, па комбинира плетенини и тантела, плетенини и свила, волна и шифон. Модните стручњаци ќе кажат дека колекцијата содржи иновативни креации, а ние ви ја презентираме во продолжение, за и самите да создадете свој впечаток:

 

Една од нашите омилени колекции е и онаа на „Ердем“. Кога ќе се каже „Ердем“, се мисли на прекрасни принтови и совршено прецизни детали. Дизајнерот Ердем Моралиоглу остана доследен на својата естетика и на корените. Турција е секогаш присутна во колекциите, а овој пат ја доживуваме преку брокатот, како и миди и макси должините на здолништата и фустаните со долги ракави. Креациите изгледаат привлечно и луксузно, а уште попривлечно изгледа и комбинирањето на брокатот со златно кадифе.

 

Ништо помалку интересни не се ниту фустаните од бела свила, како и капутите со везени детали. Сепак, кога во целост ќе ја изгледате колекцијата, имате впечаток дека најмногу доминира пачворк техниката и тоа со разни ткаенини, што само оди во прилог на разиграноста и колоритот на оваа модна куќа.

И Роксанда Илинчиќ остана доследна на својата естетика. Интензивни бои – сина, црвена, розова, како и слоевити комбинации се доминантни и за следната есен. Половината е нагласена, а ремените се нејзините омилени модни додатоци. И покрај тоа што не понуди нешто посебно ново, таа сепак создаде креации кои на нејзините клинети сигурно ќе им се допадне.

Објавено:
21 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
223 пати