Инспириран од скулптурата на големиот уметник Алберто Гјакомети наречена „Spoon Woman“ која ги красеше поканите за шоуто, Шанел уште еднаш покажа зошто никогаш нема да се откаже од неделите на висока мода.

Единствениот Карл Лагерфелд овој пат ја одбра Grand Palais како совршена локација во која ги прикажа се чини најсветкавите креации досега направени.

Како што се очекуваше, дел од шоуто беа некои од најпознатите модели на денешницата, но и неговата нова омилена амбасадорка, ќерката на Ванеса Паради и Џони Деп, Лили Роуз.

Таа го затвори шоуто во уникатна креација со големи карнери и ремен на средината во нежна розова боја која беше и една од најчестите во новата колекција.

Познат по совршено скроените женски костими уште од самото постоење, брендот прикажа токму такви во нови варијанти од твид и претежно нежни бои, украсени со впечатливи ремени на половината кои ги носеа речиси сите девојки.

Дизајнерот создаде и фантастични палта и ултра женствени здолништа во форма на лажица со што дополнително ги истакна женските облини и нивната убавина.

Тој не заборави ниту на оние дами кои не можат без неговите фустани, па овој пат направи навистина носливи варијанти на тесни светкави фустани со пердуви во долниот дел кои едноставно го одземаат здивот.

Целосната инсталација со кристали и незаборавни огромни огледала им даваа дополнителен сјај на и онака блескавите креации на брендот од кои беше воодушевена целата публика.

Сосема очекувано, на ревијата се појавија и неговите миленички Кендал Џенер во сребрен фустан со пердуви и Бела Хадид во црна секси креација со шик украсени високи чизми.

Кога станува збор за клиентите на Карл Лагерфелд од високата мода, тогаш со сигурност секој ќе каже дека тој никако не ги изневери.

Тој им прикажа еден нов, светкав, магичен свет полн со шармантни креации создадени за разни пригоди во кои секоја жена ќе се чувствува како да е единствена на светот.

Секое едно парче кое тој го прикажа на пистата прикажа една силна, но истовремено ранлива страна на жената која следната сезона ќе ја истакне половината и облините како атрибути во кои секогаш треба да сме вљубени.

Објавено:
25 јануари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
884 пати