Бои и разиграност во новите колекции на Fashion&Friends

17 март 2017

Пролетта во Fashion&Friends е разиграна, разнобојна, динамична и енергична. Колекциите на брендовите кои се дел од мулти бренд продавницата иако различни и доследни на сопствениот имиџ, имаат заедничка нишка, а оваа сезона тоа е напливот на бои и инспирација која доаѓа од далечни места кои асоцираат на денови исполнети со многу сонце и ноќи со луди забави. 

GUESS 

Колекцијата на Guess го слави спојувањето на урбаниот гламур со слободниот, боемски дух. Иновативните, технички материјали се фузираат со природните во повеќе различни бои и дезени, а тексасот и овојпат е носечки материјал. Младата жена, чие секојдневие е исполнето со безброј обрвски и интереси е инспирација за изглед во кој се комбинираат цветните и животинските принтови заедно со графички мотиви и доминантни риги. Куба и нејзината раскошна природа  е уште една од инспирациите во колекцијата  - волумен и кроеви, цветни мотиви, монохроматски застапени силни бои и забележливи принтови. Уште едно од влијанијата во колекцијата доаѓа од светски познатиот фестивал Коучела кој се одржува во сончевата Калифорнија. Долги фустани, лелеави здолништа и глам рок комбинации за безгрижно, неконвенционално секојдневие.  

Тексасот се среќава со технологијата во специјалната #smartgueessline каде три бои ги претставуваат трите различни својства на материјалот: сина за материјал кој е водоотпорен и дише; црна за терморегулаторна технологија која ја заштитува кожата од УВ зрачење и бела за материјал кој не се флека. Кројот е “слим”, а удобноста е загарантирана поради употребата на иновативен стреч материјал. 

GUESS BY MARCIANO 

Жената космополит и вечен авантурист лесно ги менува различните стилови сплотувајќи го својот шарм со чувството на слобода. Таа е епитом на динамичните европски градови како Лондон и Париз; земајќи ја париската софистицираност и само мала доза на лондонска иронија колекцијата за пролет/лето 2017 е рафинирана и необична. Дел од колекцијата црпи инспирација од морнарскиот стил кој е безвремен и неодоливо шик – бела и сина боја дополнети со интензивни тонови и префинети материјали за свеж и современ изглед. 

REPLAY 

Брендот Replay годинава слави 35 години посветени на историјата на тексасот и негова реинтерпретација во нови, возбудливи модели. Оваа сезона инспирацијата доаѓа од Лос Анџелес со неговата динамичност и разноликост. Град на ангелите каде соништата стануваат реалност и каде секој новитет доаѓа во нова форма. Колекцијата наречена “Sunset Icons” ги спојува сите лица на овој град, од моторџиското влијание, маскирните детали, етно принтовите и егзотичните, топли тонови кои асоцираат на фестивали во пустината. 

Кројот е лежерен со меки и удобни форми, разресени детали и пренесува релаксирано чувство, додека пак материјалите и необичните текстури ја отсликуваат разноликоста на градот. Бомбер јакните, бермудите, фустаните, фармерките и останатите парчиња доаѓаат во повеќе верзии и во машката и во женската колекција. Материјалите кои се користат се разновидни и контрастно искомбинирани – лен, памук, жоржет, винтиџ кожа...

Палетата на бои исто така игра со контрастите: oд една страна сина и сите нејзини нијанси, а од друга зелена, корално црвена, розова, беж, златна, сребрена и црна. 

DIESEL 

Оваа сезона колекцијата на Diesel нè води на патување во Мајами, кадешто има доволно сонце и забава за сите. “Мајами е место на кое отсекогаш сум му се воодушевувал заради уметноста, арт деко архитектурата и плажите кои наметнуваат посебен животен стил”, вели Никола Формикети – уметничкиот директор на брендот. “ Ме инспирираат разиграните бои кои асоцираат на 80-тите и посакувам целиот свет да биде како Мајами во лето.”

Колекцијата за пролет/лето асоцира на коктел од пастелни тонови и забави покрај базен. 

Линијата Flamingo Road ги задржува класичните Diesel силуети и влијанието на модата од 50-тите со војнички и спортски детали. Фламингото се појавува на женските блузи заедно со останатите украсни симболи како срциња и полка точки кои им даваат женственост на блузите и миди здолништата. Кај мажите, забележителни се тексас и бомбер јакните, дополнети со ленти во впечатливи бои. 

Линијата Miami Heat посветува особено внимание на стилот од 80-тите, а дизајнерот Јоко Хонда изработил специјални летни принтови кои се аплицирани на маици, бомбер јакни и костими за капење. Женските силуети се релаксирани – панталони со широки ногавици, лелеави фустани и шорцеви со висок струк. Кај мажите забележително се широки маици, тексас шорцеви со аплицирана текстура и плетени блузи во риги за ретро изглед. 

SUPERDRY 

Superdry е англиски моден бренд кој постои постои од 1985 година. Стилот кој го промовира Superdry е американски винтиџ со апликации на јапонски зборови. Играта со зборови е инспирирана од јапонската тенденција да се употребуваат “украсни ” англиски фрази на облеката како знак за модерност и современост. Иако не практикува интензивно рекламирање ниту пак соработка со одредени познати лица, Superdry станува сè поакту елен низ европските земји особено кај помладата популација. 

МОДЕН ВИКЕНД 

Како и претходните сезони, така и оваа, Fashion&Friends е дел од Модниот викенд Скопје, поточно се јавува како ко-продуцент на насловната и носечка фотографија, стилизирана и фотографирана од страна на блогерката Јована Зука. На насловната фотографија се најдоа неколку безвремени џинс парчиња од брендовите во продавницата.

Објавено:
17 март 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
269 пати