Божествена колекција на Диор со која ја слави моќта на жените

21 јануари 2020

Што ако жените владееја со светот?

Непосредно пред Оскарите, секогаш е резервиран термин за најлуксузните модни шоуа во Париз посветени на високата мода. Раскошот прикажан на овие модни ревии е предвесник на тоа што може да очекуваме и на најскапиот црвен килим.

Текот на вчерашнот ден помина во знакот на неколку звучни луксузни модни куќи што ги прикажаа своите „haute couture" колекции за пролет 2020, меѓу кои Диор предизвика особено внимание.

Марија Грација Кјури даде акцент на феминистичката идеологија и во овој контекст, овој пат истакнувајќи го божественото во жената, инспирирана од статусот на римските божици.

За поавтентичен одраз на својата идеја во оваа колекција, Кјури соработуваше со познатата американска феминистичка артистка, Џуди Чикаго која преку својата работа ја истражува улогата на жената низ историјата и во различните култури.

Па како нивната идеја добива форма преку луксузната висока мода? Преку културите кои во модата се испреплетуваат се креира сликата за глобалното сестринство што Кјури го нагласува преку својот модернизиран, а во овој случај повеќе италијански пристап, во доловувањето на сликата за божицата на модерното време.

Приказната ја следат масивни инсталации, налик на постери со извезени пораки што ја слават жената, а централно е поставен оној што го упатува прашањето: Што ако жените владееја со светот?
Веројатно ништо немаше да биде исто.

Во својот современ приказ на божицата, Кјури користи елементи карактеристични за Римското царство, акцентирани преку деталите, накитот, сандалите, но и кроевите со асиметричниот израз, нагласената половина и лелеавите форми, а сето тоа мајсториски умешно спакувано за да кокетира со потребите и вкусот на модерната жена.

Фото: Vogue / Alessandro Lucioni / Gorunway.com

 

Објавено:
21 јануари 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.531 пати