Претставувањето на ресорт колекциите на необични и егзотични места е стандард кој го постави Карл Лагерфелд со „Шанел“. Секогаш иновативен, овој дизајнер ги поттикна и другите модни куќи да вложат повеќе во презентацијата.

Музејот за современа уметност - Нитерои

„Луј Витон“ отсекогаш го следел овој тренд. Имајќи ја предвид најавата дека ресорт колекцијата за 2017 година ќе биде презентирана во Рио де Женеиро, поточно во „Музејот за современа уметност - Нитерои“ во истоимената област, сите со нетрпение очекуваа да го видат најновото од овој бренд.

Шоуто на „Луј Витон“ во Рио де Женеиро

А шоуто конечно се случи изминатиов викенд и го проследија голем број познати личности меѓу кои Алисија Викандер, Кетрин Денев, Алесандра Амбросио, сите секако облечени во „Луј Витон“.

Колекцијата пак, одговори на местото на одржување на шоуто. Никола Гескјер се потруди да ги спои минимализмот и егзотиката.

Тој понуди парчиња што вклучуваат футуристички елементи, инспирирани од самиот музеј, а сето тоа надополнето со интензивни бои што се секако асоцијација на Бразил. Покрај тоа, дел од креациите беа изработени од ткаенини со принт.

Освен асиметричните фустани, вниманието го привлекоа и кусите јакни, како и мини-здолништата во А-крој, како и оние со кожени апликации.

Љубителите на модните додатоци сигурно ќе бидат воодушевени од модните додатоци. Чанти во форма на касетофони (од кои преку Bluetooth навистина може да слушате музика), како и обувки што се комбинација на апостолки и традиционалните бразилски обувки, се нешто што сигурно често ќе го гледаме на улиците низ модните метрополи.

Така, Никола успеа да ги спои модернизмот и егзотиката, па ако сте љубител на ваквата естетика, тогаш сигурно ќе ви се допадне она што „Луј Витон“ го презентира како тренд за следната ресорт сезона.

 А во продолжение погледнете и дел од гостите:

Објавено:
30 мај 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
247 пати