Breaking news: Михано Момоса има нова колекција од соништата!

20 јануари 2020

Српскиот дизајнер со светска популарност, Михано Момоса, преку одлична маркетинг стратегија ја запознава својата публика со неговата нова колекција наменета за сезоната есен-зима 2020.

Неколку денови наназад на неговиот официјален профил на Инстаграм, конзистентно се објавуваaт фотографии од новиот лукбук обединети под ексклузивата „Breaking news".

Секоја фотографија е надополнета со сегмент што ја објаснува колекцијата, односно нејзината порака.
Па така, неговата препознатлива игра со геометријата дизајнерот ја поврзува со слободата да бидете свои и да се охрабрите да се запознаете себеси преку експериментирање.

Понатаму, тој приказната ја продолжува со позитивна и инспиративна мисла во контекст на: Слободно насмејте ѝ се на секоја ваша грешка, затоа што токму тие ве создаваат онакви какви што сте!, а целиот ваков концепт во кој внимавал на секоја фаза, сведочи за неговото професионално созревање.

Според досега објавените фотографии, впечатокот е дека Михано ќе ја почасти својата публика со уште една колекција која ќе ве увери дека соништата се остваруваат.

Пастелниот колорит, геометрискиот израз, пердувите како негов заштитен печат, соединети во фантастични парчиња, продолжуваат да го раскажуваат неговото современо, а истовремено артистично видување на жената.

 

Објавено:
20 јануари 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
614 пати