Бунтовничка колекција на „Еми Норис“

3 мај 2016

По четири години активно присуство на домашната дизајнерска сцена, Емилија Дамјановиќ која твори под етикетата „Еми Норис", инаку препознатлива по дизајнот на накит, ја промовира својата колекција облека насловена „Фанкахолик".

Бунтовничкиот глас и социјалната порака се носечкиот императив на оваа капсулна колекција што се состои од десет уникатни парчиња облека што меѓусебно може да се комбинираат, а се надополнети со накитот на креаторката.

„Колекцијата е младешка и бунтовна но во исто време женствена и секси.
Се однесува на урбаната жена бунтовник. Има влијание од панкот во деталите како: нитни,патенти, синџири,тартан (карирани) дезени... Како концепт е своевидна корелација меѓу модата и социјалниот дизајн, а има за цел да го подигне нивото на свеста за улогата на модата и стилот во развојот на општествена одговорност", вели Еми во описот на својата колекција.

Во колекцијата доминираат црна, бела, сребрена и црвена боја како и карираниот дезен и крупните текстуални принтови, а материјалите од кои се изработени парчињата се природни и полуприродни како памук и вискоза, па колекцијата покрај другото има и еколошки предзнак.

„Оваа колекција е мој трет проект од областа на моден дизајн. Првиот беше во рамките на обуката за моден дизајн кај Никола Ефтимов , колекцијата инспирирана од хистеријата и Бел Епок и беше промовирана на модна ревија во Музејот на Современа уметност во Скопје во 2002 година.
Вториот беше дизајн на етно костим за етаблираниот хор Св.Злата Мегленска, за првпат прикажан на УНЕСКО концертот за мир во април 2009 година, во Ла Фениче театарот во Венеција", додава дизајнерката.

Колекцијата ќе биде достапна за продажба во концептуалната продавница на центарот за дизајн Јавна Соба како и онлајн на сајтот www.eminoris.mozello.com

 

Воедно со оваа колекција Еми Норис го најавува учеството на саемот за современа уметност и дизајн Паратисима во Скопје од 10 до 12 јуниво МКЦ, што ќе биде трето нејзино изложување на овој саем.

Фотографија: Еми Норис
Модел: Катерина Микрут

 

Објавено:
3 мај 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
470 пати