Црно-бели контрасти на PFW

3 октомври 2015

Вчерашниот ден на Модната недела во Париз беше посветен на контрастите. Покрај бајковитата ревија на Диор, имавме можност да ги видиме и колекциите на Јоши Јамамото и Александар Ванг кои овој пат размислуваа спротивно, па едниот прикажа монохроматска црна, додека другиот комплетно бела колекција за следната сезона пролет-лето. Изабел Марант го одржуваше балансот, па во нејзин препознатлив дизајнерски фазон, презентираше колекција заснована на етно мотиви во современ контекст.

Јоши Јамамото

Вечната црна го имаше централното место во поетичната колекција на Јоши Јамамото. Авангардниот дизајнер остана доследен на својата алтернативна естетика креирајќи колекција во која преку монохроматските црни парчиња е направен сублимат на елементи од панк и готик субкултурата, како што се фустаните со кринолини и корсети, „вреќестите" панталони, високите чизми и црвените прамени.

 

Баленсијага

Ако јапонскиот дизајнер Јоши Јамамото размислуваше исклучително во црно, неговиот американски колега Александар Ванг беше во сосема спротивен фазон.

Неговата финална колекција за Баленсијага е без исклучоци бела, женствена, нежна и моќна истовремено. И секако, посебна од секој аспект. Иако сме навикнати на неговите „стрит" и претежно мрачни колекции, Ванг претендирал со последната колекција за овој бренд да ја прикаже жената од еден поинаков, за него невообичаен агол и со тоа да стави гласен печат на неговата соработка со модната куќа.

„Се чувствував како последен ден во училиште", со овие зборови ја објаснува возбудата со која младиот дизајнер завршува една и почнува нова фаза во неговата дизајнерска кариера.

 

Изабел Марант

Во препознатлив елемент, Изабел Марант креираше богата слоевита колекција во етно фазон. Рачно везени детали, фустани со флорални принтови, масивни и долги кардигани, здолништа и панталони во сребрена боја комбинирани со бели ролки... Во суштина, сите парчиња се скроени со цел да може да се миксат меѓусебно, а во секоја различна варијанта тоа да биде со висока естетска замисла.

 

Објавено:
3 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
413 пати