Диор ги облече жените подготвени за револуција

28 февруари 2018

Правата на жените и нивната борба за истите, се во фокусот на новата колекција на Диор што беше прикажана вчера во рамките на Модната недела во Париз.

Актуелното движење Times Up заедно со #metoo, што имаат за цел да ја подигнат свеста за борба против сексуалното малтретирање на жените, поттикнаа оваа горчлива тема да биде во центарот на вниманието не само на црвениот килим за време на најпрестижните манифестации од шоу бизнисот, туку и на модните писти.

Марија Грација Кјури која веќе неколку сезони го става феминизмот на пиедесталот во своите колекции за Диор, е радикален пример за тоа.

Новата колекција на Диор е лицето на жената револуционер од 60-те години. Во 1968-та година се организираат големите студентски протести кои поттикнале сериозни општествени промени што се одразиле и во културната и модната сфера, а ова движење има и сериозна улога во формирањето на новиот социјално-политички систем, како и улогата на младите жени во Франција.

На пистата се појавува „армија" од модели во револуционерен изглед: со беретка на глава и милитари чизми, во пачворк здолништа и фустани, како и кариран и флорален принт, што асоцира и на хипи движењето од 60-те и 70-те.

Преку оваа колекција, Кјури исто така гласно зборува за еднаквоста помеѓу половите и нивните улоги и права во секој сегмент на општествениот живот.

 

Објавено:
28 февруари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
145 пати
Тагови: 
Диор колекции