Диор направи циркус!

22 јануари 2019

Од вчера па до 24. јануари, вниманието ќе биде свртено кон Париз, каде што се одржува Модната недела посветена на Високата мода за пролет 2019.

После првиот ден, сите зборуваат за шоуто на „Диор“. Модните стручњаци и инсајдери велат дека Марија Гарсија Кјури успеа да се надмине себеси и сето она што досега го покажа во една од најстарите француски модни куќи. 

 „Диор“ направи циркус! И во буквална и во преносна смисла на зборот. Познато е дека Кјури инспирацијата за своите шоу-а секогаш ја бара во историјата на модната куќа.

Овој пат, креативноста ја поттикна фотографијата на Ричард Аведон од 1955 година, снимена токму во циркус, каде помеѓу слонови позира девојка во фустан на „Диор“.

Пет години пред тоа, модната куќа одржа шоу во хотелот „The Savoy“ во Лондон, кое го пренесуваше и британска телевизија, а насловот на истото гласеше „Циркусот на Диор пристигнува во градот“ (Dior "Circus" Comes To Town“.

Покрај овие референци, Кјури успеа да ја пренесе магијата што циркусот ја носи со себе. Тоа е место каде што имагинацијата и фасцинацијата настапуваат на сцена. Место каде што владее креативен хаос, а токму и модата, односно модната индустрија е под владеењето на истиот хаос. 

Исто така, и во модата и во циркусот, сè се врти околу шоуто, перформансот, костимите, постојатното патување, сјајот...

„Дали е маж или жена? Ниту едно, ниту друго - кловн е". Со оваа реченица, Кјури останува доследна на интересот и инспирацијата што ги наоѓа во андрогеноста, но и на женската фигура.

Имено, за перформансот да биде уште повпечатлив, покрај осветлувањето, таа ја ангажира циркус трупа „Мимбре“, составена само од жени акробати, кои придонесоа автентично да се пренесе темата.

Шоуто на „Диор“ сепак не би било комплетно без креациите, кои изобилуваат со рачна изработка, бои, комбинација на различни материјали. Кјури овој пат комбинира тенки панталони со плетенини, транспарентни ткаенини со поцврсти (шорц со транспарентна кошула со панделки). Дел од креациите се и со геометриски елементи што е уште една референца на кловнот како централна циркус-фигура. Посебно впечатливи се кожените корсети, како и креациите на риги. Така, Кјури повторно ја задчува префинетоста, нежноста и софистицираноста која е препознатлива за „Диор“, но вметнува и елементи преку кои се гледа нејзиниот личен израз, современоста и моќта на жената, која секогаш ја потенцира. 

 

 Целата колекција можете да ја погледнете во галеријата во продолжение:

 

 

фото извор: pintrest.com; nowfashion.com; wwd.com;

Објавено:
22 јануари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
531 пати