Диор во Бруклин со ресорт колекција меѓу формалното и романтичното

8 мај 2014

Откако во месец април престижната модна куќа Диор ја претстави својата кутур колекција во Хонгконг, вчеравечер во Бруклин беше редот за презентација на ресорт или „патувачката“ колекција за 2015 година. Со 66 изгледи на писта, многу познати гости во првите редови, дизајнерот Раф Симонс кој веќе две години е креативен директор на брендот,  ја ослободи својата креативна дизајнерска замисла за наредната година која сепак тежнееше кон францускиот шик, а не американскиот. Чист и модерен изглед со смирени линии се карактеристиките кои ја опишуваат последната колекција сочинета како од формални, така и од лелеави парчиња што пак ја прикажаа кревката и нежна страна кај жената. Оваа најнова колекција дефинитивно имаше предлози за сите прилики, составена од долги и кратки палта, елеци, панталони, коктел фустани изработени со прекршени форми и такви во слоевита техника на тантела, макси лелеави тоалети, здолништа во А крој со нагласено висок струк, цигара панталони, сакоа во асиметрични кроеви, а потоа и миди фустани во цветни, геометриски и пејсажни принтови. И во оваа колекција дефинитивно преовладуваа трендовските моменти како спојувањето на принт со принт, а таков беше случајот на неколку изгледи кај манекенките што се појавија од крајот на претставувањето на писта. Изненадувачки беше што во оваа колекција која повеќе асоцира на топла сезона, не беше исклучено ниту крзното во дел од креациите. Кога станува збор за боите и нијансите, во почетокот колекцијата ја карактеризираа монохроматски изгледи од црна и бела боја, како и минималистички спој на двете заедно, за потоа креациите да преминат во впечатливи и силни бои како портокалова и жолта, до такви во земјени тонови.

Во однос на гостите од првите редови, најмногу впечатлива за медиумите беше пејачката Ријана, која изненади со женствен и нежен изглед на парчиња во бебешко розова нијанса. Освен Ријана, првите столчиња ги потполнија и Кристијан Лубутан, Марион Котилард, Оливија Палермо, Хелена Кристенсен, Алисон Вилијамс, Маргот Роби, Лили Собиески и други познати модни инсајдери и трендсетери.

Rihanna Rihanna

Во продолжение од галеријата погледнете ги сите 66 изгледи, како и фотографиите од првите редови.

Објавено:
8 мај 2014
Категорија: 
Колекции