Доза луксуз на Париската модна недела

6 јули 2017

Љубителите на луксузните креации на дизајнерите Ели Сааб и Зухаир Мурад веројатно со нетрпение ги очекуваа нивните модни шоу-а во Париз, во рамки на модната недела за Висока мода.

Токму затоа ние одлучивме да ги споиме во еден текст, што воедно ќе биде и денешната доза луксуз и гламур.

Ели Сааб создаде колекција посветена на сите што се чувствуваат како кралици. Темносината, кралска боја преовладува, а речиси сите креации се украсени со златни везови и монистра, со што неодоливо потсетуваат на кралските одори.

Трендот на широки здолништа што можат да се тргнат по потреба продолжува, а Сааб таа практика им ја овозможува повторно на своите клиенти.

Од друга страна, Зухаир Мурад се инспирираше од цртежите на американскиот илустратор Чарлс Гибсон, посветени на жените што се убави и независни.

Токму затоа и неговите креации се со впечатливи украси – монистра, пердуви, впечатливи изрази на грбот и слично.

Речиси сите фустани се долги, најчесто изработени од свила, дел од нив се и со интересни принтови. Низ целата колекција се провлекува светкавиот сјај, кој е застапен не само во ткаенините, туку и кај цветните апликации. Но, она што сака дизајнерот да го потенцира е тоа што и покрај тоа што е забележително богатото украсување, креациите се лесни.

Во рамки на текстов можете да ги погледнете и нивните целосни колекции, а во коментар можете да споделите со нас чија колекција повеќе ви се допаѓа.

 

фото извор: WWD.com/Giovanni GIiannoni

Објавено:
6 јули 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
494 пати