„Модата денеска е толку брза, што некако немав време да завршам со мојата работа. Она што единствено можев да го направам е да ги прикажам моите скици“, изјави Џереми Скот зад сцената пред почетокот на ревијата.

Секако, дизајнерот на пистата покажа и повеќе од готова колекција со моменти кои наликуваа како да се скици, но одлично завршени.

Како и секогаш, неговата колекција за следната пролет беше полна бои, модни додатоци, накит, шапки и секако, познати модели.

Ревијата тој ја започна со бели парчиња, фустани и костими украсени со разни цртежи во јаки бои и впечатливи шапки и хулахопки на кои беа исцртани црни линии.

Тој продолжи во ист стил, прикажувајќи парчиња како кожени јакни и фустани во јаки бои, но и секси корсети и куси панталони украсени со интересни ремени и накит.

На пистата можевме да видиме и секси едноделни костими со нивното препознатливо мече, надополнети со транспарентни мантили и здолништа.

Дел од колекцијата беа и женствени фустани направени од свила и други материјали, но и црни и фустани во други неодоливи бои.

Дизајнерот шоуто го заврши со куса бела венчаница која ја носеше прекрасната Џиџи Хадид со волуменозен вел на главата и букет цвеќе.

Објавено:
21 септември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
143 пати