Екстремна екстравагантност на третиот ден на Париската модна недела

28 февруари 2014

Футуристичка визија на иднината и носталигичен поглед кон минатото, третиот ден на Париската модна  недела помина во знакот на екстремно авангардниот приказ на новите дизајнерски колекции кои синхронизираа различни временски зони.  Секој од дизајнерите размислувал во различлна насока, некој исклучително во реалноста создавајќи функционалност и практичност, друг визионерски и чекор пред времето, но сите се пресретнаа токму вчера во Париз, а еве го епилогот:

 

Ланвин

Фабрика на соништата

 Работејќи по интуиција, Ланвин се врати кон суштинските корени на модата. Направи функционална облека, која истовремено е екстремно екстравагантна, а тотално слободна во движењето на момети преку супер волуменозните здолништа, а на моменти преку едноставните и смирени силуети на разресените фустани.  Албер Елбаз се повлече во фабриката на соништата, па се врати со колекција која носи своја магија и препознатливост. Ревијата ја стартуваше со многу реси и карнери, преминувајќи во драматичност некаде на средина од модното шоу со волуменозните фустани и дамските шешири и ракавици, за на крај да се смири со ендноставен крој на здолништата со должина над колената.

 

Нина Ричи

Неутралност без големи изненадувања

Достојна, но сепак неутрална колекција без големи изненадувања. Градацијата започнува со деловни, ама сепак удобни модели, па се разнежнува и разголува за на крај модното шоу да го затворат елегантни транспарентни фустани аплицирани со цветови. Контрастот во основа е помеѓу до грло затворените ролки и транспарентните материјали, а колор палетата помеѓу црната и белата е пополнета со пастелна виолетова, розова и беж. Користени се луксузни и типични зимски материјали како кашмир, крзно, волна и кожа што ја дефинира издржаноста на оваа колекција, која не понуди голема иновативност во линиите и кроевите на силуетите.

 

Пако Рабан

Атлетски дух на вечерните изгледи

Младиот дизајнер Џулиен Досена со оваа своја колекција за Пако Рабан дефинитивно се наметна како сериозен млад талент на кој модната индустрија треба да му посвети внимание. Тој создаде уникатна визија на атлетскиот дух имплементиран во вечерните изгледи. Доминантни се монохроматските комбинации и асиметричните сечења на моделите со едноредно закопчување, како и мрежестите топови кои создаваат графички ефекти.  Спортскиот изглед не дозволува премногу драматизирање со формите, па затоа линиите се строги сведени на минимализам, повремено  со странични преклопи на палтата и здолништата. Белиот предимензиониран патент кој се појавува буквално на секое парче: странично на здолништата и панталоните, фронтално на кошулите и сакоата, останува заштитен елемент и препознатлив знак за колекцијата.

Баленсијага

Ова е Александар Ванг!

Ако во својата прва колекција за Баленсијага, Александар Ванг направи компромис и  тотално се прилагоди на препознатливоста на брендот, а во втората направи баланс, веќе во третата негова колекција тој  наместо да игра на сигурно, авантуристички направи храбар потег и надвор од конвенционалноста, комплетно се преслика себе си во секое парче и остави силен дизајнерски печат нагласувајќи: Ова сум јас! Авангардната колекција изненадува со мајсторската игра со тридимензионалните кроеви, нагласените рамена, „напумпаните“ топови, а  „исечениците“ со патенти се прво нешто што паѓа во фокус. Помеѓу црните и бели монохроматски комбинации, колоритот се разигрува со двобоен контарст на пруги во интензивна црвена, жолта, портокалова и сина боја. Машкоста на кроевите балансира со нагласување на женскиот струк со широки ремени врз палтата и здолништата, создавајќи совршена хармонија помеѓу елеганцијата, урбаниот сенс и андрогениот изглед.

Објавено:
28 февруари 2014
Категорија: 
Колекции