Елена Лука дизајнираше „Plus size“ колекција – убавина во сите нејзини облици

3 август 2017

Индивидуалност, различност, автентичност, карактер – модната сцена сè поинтензивно размислува во овој правец, затоа што нејзината функција е да понуди избор, а не да ограничува.

Конечно, модната индустрија на глобално ниво наголемо почна да размислува „Plus size".

Убавиците со облини се сѐ почесто на насловните страници, заштитни лица на кампањите на најлуксузните брендови, модели кои се олицетворение на ослободувањето од стереотипите, женскиот сексапил во сите негови облици, индивидуалноста како императив. Светски познатите модни брендови пак, сѐ подинамично работат на своите специјализирани „Plus size" линии, што доволно зборува за големите промени што му се случуваат на модниот свет.

Нашиот моден бренд „Елена Лука" се надоврзува на својата основна идеја за автентичност во модниот дизајн, но и на идејата за различност присутна во сите светските модни тенденции, со креирањето на специјализираната „Plus size" линија наменета за претстојната сезона есен-зима 2017.

Секој аутфит во оваа „Plus size" колекција носи посебен карактер и свој уникатен лик. Токму како жените за кои е дизајниран.

Сите комбинации се креирани во различни конфекциски броеви заокружувајќи со 54, а меѓу нив застапени се деловни аутфити, свечени тоалети, коктел фустани, комбинации на панталони, кошули, наметки, туники... Рачната доработка која е една од најпрепознатливите карактеристики во дизајнот на „Елена Лука", секако е присутна со впечатливи композиции со бисери, везови, украсни детали што ја надополнуваат впечатливата естетика на креациите. Колоритот варира од монохроматски црни и бели комбинации, до пастелни, земјени и интензивни нијанси, а присутни се и игриви принтови во различни варијанти.

„Секоја идеја во дизајнерскиот процес во Елена Лука, поттекнува од карактерот на жената за која создаваме, нејзиниот став и нејзината индивидуалност. Ова секако не е прв пат да дизајнираме „Plus size" креации, но овој пат решивме да посветиме една цела колекција, специјализирана „Plus size" линија. Наша обврска како креативци е да размислуваме надвор од стандардите и да понудиме различност. А ова е колекција во која секој сет е приказна за себе, со своја неповторлива естетика. Сигурна сум дека секоја дама ќе пронајде дел од својот карактер во оваа автентична линија, затоа што ова е колекција која одговори токму на нивните потреби", вели г-ѓа Елена Пандева, генерален менаџер и сопственик на брендот.

Заштитно лице на колекцијата е актерката и соработник на Елена Лука, Весна Петрушевска-Бејби.

„Предизвикот наречен модна фотосесија е секогаш приказна која сакам да ја раскажам. Овој пат тоа беше една исклучителна задача затоа што носам модели преку кои треба де се идентифукува слободоумната жена, онаа жена која е свесна за себе, чиј свет е нејзин и доследен. Во овие времиња на фотошоп, разни оптеретувања од аспект на тоа колку килограми имаме, најважно е да се чувствуваме добро такви какви што сме со сите наши маани и доблести. Убавината на овие модели од Елена Лука е што се носат со леснотија, ти даваат чувство на сигурност, извонреден квалитет на материјалите кои се употребени и неверојатен дизајн. За волја на вистината прв пат на нашиот пазар имаме ваков вид на колекција, со моќна порака до сите жени и да ги потсетиме дека сме убави, храбри, разумни, борбени, духовити и емотивни. За време на снимањето се чувствував бескрајно опуштено и среќно. Оваа колекција е за сите среќни жени!", го сподели своето искуство Бејби.

Моделите од новата „Plus size " колекција се веќе достапни во продажба во ателјеата на „Елена Лука" во Скопје и Струмица.

 

Објавено:
3 август 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
6.159 пати