Во рамки на Париската модна недела конечно своја ревија имаше и кралот на вечерните комбинации Ели Сааб кој по којзнае кој пат ги освои срцата на публиката.

Иако и самиот ќе каже дека секогаш сака да ги разгалува своите клиенти, а многу од нив беа и дел од ревијата, тој овојпат покажа нешто малку поинакво.

Пред да ги прикаже раскошните долги тоалети, овојпат со малку повеќе париски шарм поради панделките, тој на девојките им понуди одлична комбинација на парчиња што лесно се трансформираат од ноќни во дневни.

Вистинско изненадување беа бомбер јакните во откачени и интензивни бои и пруги, со што многумина ќе кажат дека дизајнерот конечно „излезе на улица“.

Како и кај многу други дизајнери и брендови сезонава, и Сааб понуди кошули и фустани со јаки од кои совршено беше наместена панделка во неколку нијанси.

Дизајнерот не се оддалечи многу од неговиот романтичен шарм, па така во пролет/лето колекцијата повторно смести тантелни долги и куси фустани, безброј рачни украсени парчиња, слатки детали, рамни чевли, но и високи потпетици.

Дел од неговата колекција беа и модерните кожени фустанчиња, но и секси црните комбинезони и елегантните светкави фустани.

„Штотуку сретнав голем дел од моите клиенти и сите се среќни. А, ако тие се среќни, среќен сум и јас“, изјави дизајнерот по прикажувањето на колекцијата.

 

Објавено:
5 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.607 пати