Есен како од сказна во шумата на Шанел

7 март 2018

Карл Лагерфелд е дефинитивно најдобриот раскажувач на сказни меѓу дизајнерите. Тој не само што креира облека, туку несебично ѝ го сервира на јавноста целиот свој свет на фантазии во кој таа облека има своја функција. Така секое негово шоу е  една бајковита разгледница која ви ја раскажува целата приказна за колекцијата...

Овој пат, Карл новата колекција на Шанел за следната сезона есен-зима, ја постави во едно романтично окружување на есенска идила во шума, во која би посакале да се изгубите.

„Grand Palais" во Париз, целосно беше послана со жолти есенски лисја по кои чекореа моделите, помеѓу високите листопадни дрвја кои оживуваат амбиент како буквално да сте изгубени во некоја од шумите на сказните на браќата Грим.

Увертирата во оваа есенска бајка на Шанел, најави една топла, нослива, колекција во која е споена традиционалната препознатливост на брендот со вибрациите на 70-те и 80-те години.

Првите модели што чекореа по шумската патека од жолти лисја, беа претежно во загасити тонови, во чисти и симплифицирани кроеви. Во една таква едноставна и во основа смирена линија е целата колекција, но колоритот повремено е разигран со поинтензивни бои или флорални и апстрактни принтови. Но, за сметка на едноставните кроеви, материјалите како и секогаш се отмени и раскошни. Ревијата ја заокружија свечени тоалети од тантела, иста така поедноставени во кројот, комплетирани со ракавици до надлактиците како уште еден белег на шанеловиот дизајн, во една осовремена варијанта.

 

 

Објавено:
7 март 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
556 пати