Есенските кампањи на Топшоп и Прабал Гурунг за 2014

29 јули 2014

Изминатиов период се помина во знакот на рекламните кампањи за најновите есенски колекции на познатите модни брендови и куќи. Сите на најдобар можен начин ги прикажуваат своите модни приказни кои се навистина исклучителни и посебни и го заслужуваат нашето внимание.

Откако модниот бренд Топшоп ја именуваше Кара Делевињ за свое заштитно лице, многу работи се сменија во поглед на нивната модна политика.

Извршниот директор, Филип Грин изјави дека во САД ќе се отворат пет нови продавници на Топшоп, од кои продавницата која ќе биде лоцирана на Менхетен ќе биде најголема во светот. Во Европа пак, до крајот на годината, нова Топшоп продавница се очекува да се отвори во Амстердам. Кара од страна на креативниот тим на брендот беше прогласена како одличен гласноговорник и амбасадор која со својот дух, талент и модна визија внесе одлични новини во компанијата. Моделот ја сними својата прва рекламна кампања за овој бренд позирајќи пред фотообјективот на Аласдаир Меклелан.

„Иако Кара има само 21 година таа е навистина зрела и софистицирана кога станува збор за промоција на значењето на името Топшоп“, вели Филип Грин.

Извршниот директор на компанијата потврди дека ова е само почеток на едно исклучително пријателство и успешна соработка која ќе им биде од корист на сите. Сепак, вести за лансирање на самостојна колекција потпишана од Делевињ, сè уште нема, а тоа значи дека Кејт Мос останува на кралскиот трон на Топшоп, барем засега.

Ако Топшоп ја одбра Кара, главната ѕвезда на новата рекламна кампања на брендот Прабал Гурунг е Рози Хантингтон – Витли.

Брендот Прабал Гурунг оваа година го прославува својот петти роденден, а ангажманот на преубавата Рози е како роденденски подарок за сите обожаватели. Моделот е заштитно лице за најновата есенска кампања. Хантингтон – Витли позира на позадина од црвено небо и црни планини како да е на некоја друга планета. Облечена е во волуменозни капути, џемпери, заводливи тоалети и крзнени палта, Рози маестрално ја одработи својата работа.

Објавено:
29 јули 2014
Категорија: 
Колекции