Модната куќа Александар Меквин ја претстави новата пред – есенска колекција за 2017 година во која креативната директорка и дизајнерка Сара Бартон смести 40 комбинации.

Она што е значајно да се посочи за оваа колекција која е продолжение на летната колекција на брендот е инспирацијата која тимот ја пронајде во еден остров северно од Шкотска.

Креативната директорка ги испрати таму со цел да го истражат традиционалниот начин на изработка на шкотската облека, да дознаат повеќе за изработката од тамошните занаетчии, како и да ги откријат 100 годишните тајни на плетивата по кои локалните луѓе се познати.

Како резултат на нивното истражување, во оваа колекција ќе видите фантастични везови, модели украсени со неодоливи детали, фантастична рачна доработка, модни додатоци од кожа и што уште не.

Дизајнерите во истата сместија раскошни и шармантни фустани кои веќе ги гледаме на црвениот килим, потоа женски костими со неверојатен крој и карнери во задниот дел, куси фустанчиња и комбинации од палто и здолниште со нагласена половина со уникатни ремени, како и хит панталони и парчиња од волна и плетиво.

Едни од највпечатливите парчиња во целата колекција се широките кожени ремени со кои уште еднаш се покажува дека тие ќе бидат вистински хит во сезоната што ни претстои.

Забележителни се и кожените ракавици целосно изработени во стилот на оние за мечување, а подеднакво впечатливи се и сите чевли од колекцијата изработени од висококвалитетна кожа.

Филмскиот фестивал во Кан започнува на 17 – ти мај, а стилистите на познатите веројатно веќе резервирале голем дел од прекрасните модели.

Објавено:
16 мај 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
247 пати