Фантастична ретро колекција за мажи од Сен Лоран

7 јуни 2018

Во 1978 година Ив Сен Лоран организираше забава за да го прослави лансирањето на новиот Опиум парфем.

На забавата беа донесени илјадници орхидеи од Хаваи, имаше голема бронзена статуа од Буда и многу познати личности.

Денеска, 40 години подоцна Ентони Вакарело се обиде да го репризира настанот кој му послужи како супер повод да ја прикаже новата пролетна колекција за 2019 година.

Дизајнерот ќе каже дека овојпат сакал да ја прикаже идејата за Њујорк, идејата за иконите на Њујорк кои биле на пиедестал во 70 – тите. Тој прикажа навистина гламурозна колекција за мажи, претежно во темни бои, составена од тесни машки костими, свилени кошули, блузи и маички со принт и исклучително добри палта со рачно изработени дезени.

Дел од колекцијата беа и полежерни парчиња меѓу кои и тесни фармерки во темна боја, колоритни ретро џемпери, јакни од супер материјали, блузони, раскошни наметки и многу добри модни додатоци.

Кожените чевли оставија најголемо внимание, а подеднакво добри беа и ремените, шапките, марамите за околу врат, каубојските вратоврски, брошевите и што уште не.

Вистинскиот спектакл се случи сосема на крајот, кога моделите се појавија на пистата измачкани со сребрена диско боја, облечени во црни лакирани панталони со интересни додатоци на вратот.

Дизајнерот ќе каже дека со ова сакал да прикаже една поинаква интерпретација на вечерната висока мода за мажи, без тоа да изгледа пренатрупано.

Се чини, тоа и го постигна. Ако ништо друго, жените во публиката му се заблагодарија.

Објавено:
7 јуни 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
222 пати