Кога мислиме на „Фенди“ мислиме на крзно и секако Карл Лагерфелд. А кога е овој дизајнер во прашање, тогаш секогаш се мисли на поместување на границите.

Со шоуто на оваа модна куќа заврши Париската модна недела за Висока недела. За есен 2017 тимот прикажа луксузна колекција, во која секако доминира крзното.

фото извор: Nowfashion.com

Интересно е што за разлика од претходно, Лагерфелд овој пат не стравуваше од бои, па иако зимска, оваа колекција е исполнета со мноштво бои.

Цветните апликации заземаат посебно место. Од тенки слоеви свила се создаени прекрасни реалистични цветови, додека пак од перли е создадена текстура што потсетува на крлушки од риба...

фото извор: wwd.com

Многу рачна изработка е вклучена во оваа колекција, што ја прави уште повпечатлива. Свилата и волната се боени со акварели, а на брокатот се користени маслени бои.

Кај дел од креациите се забележува и пачворк техниката, а Лагерфелд одлучи да оди чекор понатаму и кожата да ја сече ласерски со што ќе создаде имитација на тантела, од што потоа се направени впечатливи, луксузни креации.

фото извор: wwd.com

Фустаните, здолништата, пелерините, капутите, секако и бундите се надополнети со впечатливи модни додатоци исто така во форма на реалистично цвеќе, овој пат изработено од кожа, крзно и монистра.

фото извор: Nowfashion.com

Она што на другите им изгледа невозможно, за Лагерфелд е предизвик. Она што на другите им делува неспоиво, дизајнерот го поставува како тренд и неговата визија и начинот на кој размислуваат се заслужни што денеска за неговата работа се коментира со восхит, а тој се нарекува моден гениј.

Објавено:
7 јули 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
135 пати