Марк Џејкобс отсекогаш знаел да собере многу ѕвезди на едно место. Така беше и вчера на неговата пролетна ревија со која и се заврши модната недела во Њујорк.

Ѕвездени први редови, но и ѕвездена писта. Неговите креации вчера ги носеа Ирина Шаик, Кендал Џенер, Емили Ратајковски, Бела Хадид, Карен Елсон, Џоан Смолс, Адриана Лима..., а во улога на модел се појави и пејачката Бет Дито, што беше само уште еден повод повеќе за да се проследи колекцијата.

Бет Дито

Всушност, после ревијата на Живанши, ова беше втората најочекувана ревија. А еве и зошто. После долги години, Марк Џејкобс одлучи да Park Avenu да не биде веќе локацијата на одржување на ревијата, туку киното Зигфелд, најголемото на Менхетен. Тоа беше доволно јавноста да се заинтригира.

Филмското шоу на Марк Џејкобс за чие лого беше искористен ликот на пит бул териерт на дизајнерот, Невил, започна со црвен килим пред киното, на кој не само што прошетаа познатите личности како Винона Рајдер, Софија Копола, Дијана Агрон, Бет Мидлер, туку и манекенките, што особено им се допадна на оние што се најдоа во близина на киното.

А внатре, сосема нов свет. Оркестар во живо што свири панк музика, огромно филмско платно и секако, пуканки.

Шоуто започна со светкави креации во боите на американското знаме, што наликуваа на костимите на популарните навивачки. Всушност низ сите креации се сретнуваа колбатно сина, тартан, црвена, бела, риги, микс на материјали и принтови – креации кои асоцираат на костимите на ѕвездите од уметничкиот свет.

Дел од неговите дизајнерски парчиња беа инспирирани од оперската дива Марија Калас. Материјалите со принт од нејзиниот портрет беа искористени за неколку фустани, капути и наметки.

Џејкобс овој пат храбро си игра со женското тело, откривајќи на различни начини. Така, целата колекција е микс од една шоу-девојка и оперска дива, како и микс на повеќе различни периоди претставени не само преку креациите туку и шминката, фризурата и модните додатоци.

Иако започна млако, модната недела во Њујорк  не можеше да има подобра завршница.

Објавено:
18 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
305 пати