FWSK #16: Од Калеш Анѓа до француска елеганција на третиот ден

25 октомври 2017

На третиот ден од шестнаесетото издание на Моден викенд Скопје, што се одржува во „Скопје Мериот Хотел“, присутните имаа можност да присуствуваат на четири ревии со различен естетски сензибилитет и инспирација која се движи од македонската до француската историја.

„Калеш Анѓа“ на „Алшар“

Честа да ја отвори вечерта ја имаше дизајнерката Силвија Миха од ателјето „Алшар“ и колекцијата насловена „Калеш Анѓа“.

Инспирирана од истоимената книга на Столе Попов, ревијата започна токму со цитат од истата, со акцент на жените и нивната борба за слобода и личен избор.

-Кроевите и формите на креациите се инспирирани од македонските носии и облеките на нашите револуционери – ќе каже дизајнерката.

Поголемиот дел од креациите се изработени од кадифе, со имплементирање на елементи од македонскиот фолклор. Асиметричните форми се исто така доминантни, ставен е акцент и на волуменот, а притоа внимавајќи и на изразувањето на сексапилот, а во тоа помогнаа ремените, ресите и несекојдневните изрази.

 

Свеченото дефиле на „Walone fashion group“

Косовската модна куќа досега сме имале можност да ја видиме повеќе пати на Модниот викенд, како и во рамки на Fashion Bridal Night. Тие останаа доследни на својата естетика, при што презентираа свечени фустани и венчаници за актуелната сезона есен/зима 2017/18.

Материјалите со многу светки, монистра и сјај доминираа на пистата, како и ресите, што многумина ги потсети на ерата на чарлстон. На пистата видовме и една гламурозна венчаница, со сјај и тантела. Ревијата сепак заврши со креација со огромно волуменозно здолниште и карнери, нешто што го видовме и претходната вечер од косовскиот бренд „Minna Fashion“.

 

Ана Трошиќ Трајковиќ и „42“

Српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ вчеравечер за првпат се претстави пред македонската публика. Насловот на колекцијата е „42“ а сè потекнува од инспирацијата од познатиот роман „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс. „42“ е одговор на прашањето за животот, универзумот и сè останато.

Ана со својата колекција внесе живост и донесе освежување. Мноштво на бои, еклектични парчиња го привлекуваат вниманието и едноставно сакате да гледате уште. Со смелото комбинирање на бои и тканини, таа понуди вистинска, урбана, поп-ап колекција, дури и со фанки елементи.

 

„Shaleva Couture“ и „French elegance“

фото извор: Fashion Weekend Skopje/Ani i Dimi

Најновата колекција на „Shaleva Couture“ е инспирирана од барокниот стил, односно француската мода и елеганција на француската жена. Доминираат црните нијанси во комбинација со златните детали.

Дизајнерката Душица Петит одлучи да им даде акцент на долгите и миди креации, но не изостануваа ниту панталоните, палтата. Речиси секоја комбинација имаше впечатливи детали, презентирани преку копозиција на светкави камчиња или друга ткаенина. Женската колекција Петит ја надополни и со една машка, во истиот естетски сензибилитет.

 

фото извор: Fashion Weekend Skopje/AniDimi

Инаку, во рамки на вчерашниот ден беа одржани и менторски сесии, како дел од „Програмата за поддршка и развој на мали и средни претпријатија во креативна индустрија“, која Моден викенд Скопје ја организира со поддршка со Министерството за економија.

Во улога на предавачи се најдоа Јована Зука, Анита Гај, „Ани и Дими“ и Елена Додевска, а темите кои беа обработувани се: „Што е стил и колку е важен за вашиот бренд, Брендирањето на производите, Важноста на фотографијата за модните брендови, како и Основи на менаџментот во модата и упатства за започнување на бизнис и методи во производството.

„Целта на овој проект е менторство, промоција и демонстрација на креативноста на младите дизајнери на облека, обувки и галантерија пред општата јавност, медиумите, експертите, купувачите,  со  цел  да  се  воспостави  и  да  се  зајакне  нивниот  бизнис  преку  заемно  корисни контакти и  соработка  со  крајна  цел-  подобра  пазарна  економија.  Веруваме  дека стратешкото негување на креативните индустрии во Македонија ќе помогне да се развијат растот на МСП и претприемништвото со што ќе се подобри бизнис атмосферата во регионот“, велат организаторите.

Есенското издание на Моден викенд Скопје ќе биде затворен вечерва и тоа со мултимедијалната презентација на Ирина Тошева, во „Иновативниот центар на Македонски телеком“, а поддржана од topsi.mk.

Објавено:
25 октомври 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
571 пати