FWSK: Последниот ден во знакот на свечените креации

6 април 2015

Третиот и последен ден од ова 11-то издание на Моден викенд Скопје, започна со ревијата на гостите од Косово, модната куќа „Менакон“.

Колекцијата за пролет-лето ’15, содржи свечени тоалети во различни бои и кроеви. Од оние што ја следат линијата на телото, преку фустаните во А-крој и широките здолништа, „Менакон“ ја претставија својата замисла за современите тренди девојки. При изработката се користеле квалитетни материјали, а доминантни се свилата и тантелата. Забележливо е присуството и на цветните дезени, што е една и од инспирациите за колекцијата:

Менакон

-Преку боите што ги употребив, сакав да ги претставам дождот и пролетните цвеќиња. Одбрав бои и кроеви за кои сметав дека одлично ќе им прилегаат на девојките. Формата на фустаните и севкупната композиција е направена така да девојките да се чувствуваат божествено – изјави дизајнерката Надире Зумбери.

Менакон

Инаку, „Менакон“ се претставуваат втор пат во Македонија. Дел од нивната работа за првпат видовме на последното издание на Fashion Bridal Night, исто така во организација на Моден викенд Скопје, а вчера беа дел од официјалната програма на оваа модна манифестација.

-Многу сум задоволна од реакциите и соработката тука. Токму затоа и ќе продолжиме да ѝ се претставуваме на македонската публика. Според мене, модата е најблискиот јазик на двете држави – додаде дизајнерката.

Менакон

Претставувањето заврши со венчален фустан од тантела што ја следи линијата на телото и широко здолниште од свила, што дополнително се става на фустанот.

После свечените креации, модното патување на Моден викенд Скопје продолжи со колекција составена од секојдневни парчиња на модната куќа „Линеа“.

Линеа

„Линеа“ од Штип, која работи конфекциско производство, понуди стандарден избор на облека препознатлива за овој бренд, наменета за современите деловни жени. Пролтно-летната колекција се состои од дводелни комбинации со кошули и панталони, блузи по кратки ракави и здолништа, фустани до колена со шарени принтови и половина нагласена со тенок ремен.

Линеа

Палетата на бои се расплинува од светлиот и пастелен пролетен колорит, до ситни графички и цветни принтови, но неизбежни беа и класичните црно-бели комбинации. Kолекција е поделена во неколку посебни целини: Ray of bright, Navy mountain, Mixed in land, Denim feeling, Yellow line up и The dream. Сите парчиња се достапни во повеќе конфекциски броеви и се наменети за комерцијалниот пазар.

Линеа

Македонската публика имаше можност да се запознае со работата на модната куќа „Хера“ на минатото издание на Моден викенд Скопје, а тие беа дел и од вчерашната програма на манифестацијата.

Хера

Во својата препознатлива естетика, ова модно ателје претстави колекција свечени фустани, најчесто со материјали во нијансирани тонови. Апликациите од тантела и монистрата беа застапени речиси кај сите креации, а освен фустаните, од „Хера“ понудија и неколку модели на комбинезони.

-Користевме сатенски материјали во три бои – портокалова, сина и темно зелена. Направивме колекција со класичен стил, со рачна изработка и мислам дека создадовме убави модели. Сега во екот на матурските, девојките бараат прилично вакви елегантни и долги фустани – ни кажа Несрин Исмаили, дел од тимот на оваа модна куќа.

Хера

За првпат на Моден викенд Скопје настапи и дизајнерот Дејан Тодоровиќ, кој исто така претстави колекција на свечени креации, со голема доза на провокативност,  изработени од светкави материјали.

Дејан Тодоровиќ

Присутните вечравечер може да ја видат и интересната меѓународна фото-изложба насловена како „Модата и културото наслество“, оранизирана од Британскиот совет во Македонија и Британскиот моден совет.

Меѓународна фото-изложба

Меѓународна фото-изложба

Меѓународна фото-изложба

Исто така, модна исталација организираа и Fashion Group Macedonia & Јована Зука, со одлично уреден простор.

Објавено:
6 април 2015
Категорија: 
Колекции