FWSK#18: Третиот ден во знакот на микс помеѓу урбаното и свеченото

5 ноември 2018

Третата вечер од 18. издание на Моден викенд Скопје имаа чест да ја отворат студентите од Академијата за моден дизајн  „Џолев и уметностите“ („Сивус едукативен и развоен центар“).

Тие ги прикажаа своите финални колекции работени под менторство на дизајнеритеНикола Ефтимов, Никола Булески-Буле и Александра Јовановска. Емануела Трајческа со колекцијата „Оклоп“, Натали Наумова со „Still“, Катерина Тошева со колекцијата „Огледало“, Мила Спасовска со „Плима“, Марија Десподовска со „Movement“ и Сара Реџиќ со колекцијата „Малиот принц“.

Со исклучок на Сара чија ревија беше закажана за последниот дел од настанот, останатите прикажаа модели каде доминира миксот на ткаенини, урбаната нота наспроти добро проверените кроеви. Моделите се носливи и младешки, а дел од нив со доза на провокација и сексапил. 

 Вечерта продолжи со најновото од познатиот бренд за италијански накит „SIGMA“ обединето со ревија  насловена„Future now“ која трасира нова љубов кон златниот накит, истакнувајќи го личниот стил, префинетоста и елеганцијата на една жена, а со цел да се претстави мостот меѓу минатото и сегашноста.

За прв пат на Моден викенд Скопје публиката имаше можност да ги види креациите од „Matrons dresses“ од колекцијата за есен/зима 2018/2019 насловена како „Magical feathers“. Присутните посведочија на 20 свечани  креации - комбинезони, долги и миди фустани, изработени од впечатливи материјали со сјај, тантела, пердуви.

Третата вечер на осумнаесеттиот Моден викенд Скопје заврши со ревијата на  Олгица Ѓоргиева и колекцијата „Bridges“. Дизајнерката прикажа урбани комбинации што може да се комбинираат во секојдневието, но и оние што можеби би биле нечиј избор за свеченост. 

Околу инспирацијата и темата на колекцијата ќе каже:

-Мостот е структура која е изградена преку железнички станици, реки, патиштата за да можат луѓето да поминат од едно место на друго. Симболичното значење од многу аспекти е разработено на еден суптилен начин во најновата колекција. Низ историјата па и денес, мостовите се конекција за многу работи во нашето секојдневие: мост на пријателство, мост на љубовта, на емоции, мост со самиот себеси, мост на соработка ... листата е долга.

 

Објавено:
5 ноември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
242 пати