Креациите со потпис на Ели Сааб се меѓу омилените на жените ширум светот, а во тој контекст и на Македонките. Луксузните материјали и фустани во кои би се чувствувале како принцези се нешто што ги освојува и нашите жени. За овој податок говори и тоа дека меѓу најчитаните и гледаните колекции на нашиот сајт се токму овие на либанскиот дизајнер.

Но, веќе неколку сезони наназад, тој принцезата од бајките ја замени со урбаната и современа жена. Тоа наиде на поздрав и во модниот свет, а и меѓу модните критичари и новинари. Ели Сааб покажа храброст да излезе од комфорната зона, а сепак да ја задржи препознатливоста. 

Со сè поедноставниот пристап и дизајн привлече нова публика и повторно го сврте вниманието кон неговиот бренд. 

Пролетната колекција е надоврзување на ресорт колекцијата која веќе е позната. Ја задржа бохо нотата, во комбинација со урбаноста. 

Сепак, финалниот резултат за претстојната сезона е малку конфузен. За разлика од вообичаено, во текот на модните недели во светските модни метрополи, цветниот принт го нема како доминантен. 

Меѓутоа, Сааб сепак реши да го вметне, заедно со уште неколку други. Колекцијата започнува со посведени женствени парчиња со нежна тантела, за на тоа да се надоврзат парчиња токму со цветен принт и тоа густ и впечатлив. 

Потоа пак има серија на едноставни, дури и минималистички комбинации, кои посебно ни со допаѓаат, но Сааб ќе ја интензивира динамиката со парчиња со риги и тоа од светкави ткаенини. Колекцијата содржи и парчиња во ултра популарниот леопард принт, во комбинација со спортска нота, како и креации со светки. 

Крајот на ревијата е резервиран за креации од органза, повторно во цветен принт, кој изобилува насекаде. Дури и обувките и модните додатоци се во истиот принт, па нема шанси да не го забележите, дури и да не сакате.

Впечатокот е дека Ели Сааб секако има парчиња кои би сакале да ги носиме и кои се вредни за внимание, но не се новитет. Исто така, и покрај тоа што дизајнерот се обидел да балансира со едноставните кроеви и комбинации, сепак принтовите се толку силни и изразени, што на моменти имате впечаток дека се и пренападни, па некоја посведена нота на истите би била можеби посреќно и поскладно решение.

Овој пат Сааб како да не бил сигурен што точно сака да направи и како да балансира меѓу елегантните и вечерни парчиња и секојдневните кон кои сè повеќе цели, но сигурни сме дека од комерцијален аспект ова е ревија која секако ќе му донесе профит. Од креативна гледна точка, ќе го чекаме следниот негов чекор кој ќе остави посилен впечаток.

Објавено:
1 октомври 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
601 пати